Шестгодишен ученик вчера пукаше со пиштол и ја рани својата наставничка, соопштија локалните власти на Њупорт Њуз во американската сојузна држава Вирџинија, пренесуваат американските медиуми. Во инцидентот не е повредени ниту еден ученик, а наставничката се здобила со тешки повреди.
Началникот на полицијата на градот Њупорт Њуз, Стив Дру изјави дека не е познато како детето дошло до пиштолот. Претставникот на школскиот систем во Њупорт Њуз, Д-р Џорџ Паркер, пак, на пресконференција истакна дека „оружјето мора да се задржи вон рацете на младите“.
– Не можам да го контролирам пристапот до оружјето. Моите наставници не можат да го контролираат пристапот до оружје. Денес нашите ученици добија лекција дека оружјето може да ја наруши, не само школската средина, туку и семејството и општествената заедница – кажа Паркер.
Видеоснимките и фотографиите направени по инцидентот го прикажуваат хаосот што настана откако полицијата упадна во училиштето. Децата беа исплашени и збунети, додека родителите стоеја пред училишната зграда.
– Ме потресе кога слушав како децата плачат и се вознемирени. Тие само знаеја дека во школото има оружен напаѓач, но не и каде се наоѓа – изјави мајката на еден од учениците, додавајќи дека се обидела да го смири нејзиниот син преку телефон.
Училиштето ќе биде затворено в понеделник, според најавите на надлежните. А градоначалникот на Њупорт њуз истакна дека ќе бидат преземени мерки за да не дојде повторно до ваков инцидент.
Во САД од 2010 до 2021 година имало повеќе од 800 престрелки во основните и средните училишта, при што регистрирани се 1.149 жртви.
Градскиот советник Куртис Бетани нагласи дека Њупорт Њуз е на „непозната територија“ поради возраста на ученикот што пукал.
– Никогаш не сум слушнал шестгодишник да оди на училиште со пиштол – порача Бетани.
Ваквите инциденти се екстремно ретки. Во 16 случаи напаѓачите имале помалку од 10 години, според базата на податоци за оружените напади во училиштата што датира од 1970 година. Во три инциденти биле вклучени шестгодишни деца, а во еден петгодишник.
Според законите на американската сојузна држава Вирџинија, шестгодишно дете е премладо за да биде осудено на малолетнички притвор доколку биде осудено.