Хумана страница – Го посетивме училиштето „Димитар Влахов“ во Скопје

Во духот на новогодишните и божиќни празници, минатиот четврток, уредничката на „Колибри“, Марија Таушанска, со претставници на Националниот сојуз на слепи на Македонија, го посети училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје и на петмина ученици им ја подари инклузивната сликовница „Новогодишна сказна“, напишана со Брајово писмо, на авторката Гордана Симоновска Момироска. Тоа е првенче на проектот „Правото да читаш не е посебна потреба“.
Издавач е здружението „Свет на различни а еднакви“ – Скопје, а сликовницата е објавена на македонски и на албански јазик. Препевот на стиховите од македонски на албански јазик е на поетесата Пунторие Муча Зиба, а Брајовото писмо на Тони Пајдаков, секретар на Здружението за слепи лица во Велес. Рецензент на проектот е писателот Горјан Петревски, а јазичната редакција е на универзитетската професорка Гордана Алексова. Илустрациите во сликовницата се на младиот илустратор Наско Џорлев.
Во училиштето нѐ пречека директорот Боби Спасенцовски, кој заблагодарувајќи се за посетата ни рече дека е многу раздвижено во установата деновиве, има многу гости, приредби, подароци.
Голема новогодишна елка и многу декорации го красеа холот, а во салата се одвиваше новогодишна претстава, која за штитениците на „Димитар Влахов“ ја приредија нивните пријатели и соработници од СУГС „Лазар Танев“, во рамките на заедничките активности поврзани со меѓуетничка интеграција. Се разбира тука беше и Дедо Мраз.
Гости од Националниот сојуз на слепи на Македонија беа секретарот Глигор Самарџиски и Кристијан Лазарев, кој ја одржува веб-страницата на сојузот, а и самиот се образовал во ова училиште, па се сретна со своите професори и воспитувачи. Бидејќи сега е во можност да им помогне со својот ангажман во сојузот, падна договор и за идни заеднички заложби за подобрување на условите за учење во установата и за други заеднички проекти.
Глигор и Кристијан потоа на пет деца им подарија инклузивни сликовници, на нивна голема радост.
Инаку, и двајцата нѐ известија дека НССРМ активно започнува со унапредување на постојните проекти, односно детално промовирање на „Радиоесеи“, како и списанието „Панорама“, кои се наменети за слепите лица низ државата.
– Наредниот период е полн со предизвици, а со единствена цел, подобрување на животот на слепите лица во Република Македонија – велат тие.

М.Т.