Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во својата новогодишна порака рече дека војната во Украина е пресвртница што ја става Германија на тест и најави нови пакети мерки за борба против кризата што стапуваат утре во сила.
– Путин води империјалистичка агресивна војна во срцето на Европа. Овој пресврт нè става нас и нашата земја во искушение – рече Шолц.
Тој додаде дека „тука се кријат и добри вести“: руската армија не ја прегази Украина за неколку дена, како што планираше Путин, ЕУ и НАТО се обединети, а Германија не подлегна на уцените со рускиот гас.
– Сочувствуваме со Украинците кои дури и во денови како денешниот не можат да се одморат од руските бомби и ракети. И сите ги чувствуваме последиците од војната во секојдневниот живот, кога купуваме во супермаркет, на бензинска пумпа или плаќаме сметки за струја или гас – рече Шолц.
Тој им се заблагодари на сите кои помагаат во приемот и грижата за воените бегалци, додавајќи дека 29 милиони луѓе доброволно и хуманитарно се вклучиле во различни организации.
Тој, исто така, ги пофали оние што работат во Германија на енергетската транзиција и заштитата на климата.
– Ова е земја во која не оставаме никого на цедило – без разлика дали е во град или на село, без разлика дали се стари или млади, дали се богати или помалку богати, без разлика дали се оние кои се родени овде или кои емигрирале подоцна – рече Шолц.
Социјалдемократскиот канцелар потсети на новите пакет мерки за борба против кризата што ќе стапат во сила во Германија од утре, 1 јануари: надоместок за кирии за лица со ниски примања, зголемување на детскиот додаток и намалување на даноците за вкупно 19 милијарди евра, субвенционирани цени за струја, парно и гас.
– Почитувани сограѓани, нашето заедништво е нашиот најголем адут. Затоа на почетокот на оваа Нова година ни посакувам едно: Да останеме верни на патот по кој тргнавме минатата година! Да продолжиме храбро напред – заклучи Шолц.
Новогодишниот говор на германскиот канцелар традиционално во целост се емитува на државната телевизија на последниот ден од секоја година.