Започна отстранувањето на барикадите во северно Косово, кое во средата доцна попладнето го најави српскиот претседател Вучиќ. Претходно судот во Приштина му го замени затворот со домашен притвор на српскиот полицаец чие апсење ги предизвика тензиите
Србите решија да ги отстранат барикадите на северот на Косово по средбата со претседателот Вучиќ
Трендот на продлабочување на кризата меѓу Србија и Косово, предизвикана од некои постапки на косовската полиција, што резултира со 19-дневна блокада на патиштата, почна да спласнува. Токму вчераутро се појавија првите знаци дека тензијата попушта со започнувањето на отстранување на барикадите. Тоа прв го најави српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата (во Рашка) со Србите од северно Косово. Прва била отстранета барикадата кај местото Мердаре, од правец на Куршумлија, а потоа и другите блокади на патиштата. Полицијата во Приштина соопшти дека нешто пред 10 часот повторно бил воспоставен сообраќајот преку пунктот Мердаре.
Причина за најновите тензии беше апсење на српски полицаец, кој наводно за време на претходните демонстрации нападнал полицајци од Косово. Српските демонстранти бараа негово ослободување и поставија блокади на улиците за време на протестите, кои беа делумно насилни. Дополнително, тензиите се заострија откако Србија во понеделникот ја стави армијата во состојба на зголемена борбена готовност, а Косово во средата го затвори најголемиот граничен премин. НАТО, САД и ЕУ изразија загриженост од развојот на настаните и повикаа на воздржаност и решение преку дијалог.
Работите се чини се придвижија во позитивна насока откако судот во Приштина нареди ослободување на српскиот полицаец, чие апсење беше причина за последните тензии. Неговиот адвокат Љубомир Пантовиќ соопшти дека судот му го заменил затворот на Дејан Пантиќ со домашен притвор. Неговиот син Предраг Пантиќ со изјава во јавноста потврди дека поранешниот припадник на косовската полиција, ангажиран во Косовска Митровица, Дејан Пантиќ се вратил дома по 19 дена минати во притвор во полициската станица на административниот премин Јариње.
Српскиот полицаец беше обвинет дека за време на протестите нападнал косовски колега. Неговото апсење и обвинение за тероризам предизвика протести од Србите во Косово, кои поставија блокади на северот на земјата. Притоа дојде и до истрели од огнено оружје и експлозии во близината на војници од мисијата КФОР, предводена од НАТО, но немаше сериозно повредени. Косовската влада се закани дека насилно ќе ги отстрани барикадите, а Србија одговори со зголемена борбена готовност на своите трупи по должината на границата.
САД и ЕУ во средата во заедничко соопштение изразија загриженост за состојбата.
– Повикуваме на најголема воздржаност и преземање итни мерки за безусловна деескалација на ситуацијата, како и сите да се воздржат од провокации, закани и заплашувања – се вели во пораката од САД и ЕУ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во средата побара од Србите да се повлечат од барикадите на северот на Косово, по официјалните изјави на САД и ЕУ, од кои доби гаранции за српските барања.
– Ова е наша мала победа. Знам дека нѐ чекаат нови проблеми, но секој ден на мир и стабилност е шанса за иднината – напиша Вучиќ на својот инстаграм-профил.
По средбата, Вучиќ изјави дека Србите по негов предлог прифатиле да ги отстранат барикадите, но дека немаат доверба во Албин Курти и во случај на продолжување на апсењата и прогонот, ќе поставуваат барикади што повеќе нема да се отстрануваат. Тој додаде дека косовските Срби немаат доверба во косовските институции.
– Ако продолжат апсењата, тие засекогаш ќе го затворат северот на Косово, ќе постават барикади што никогаш нема да се отстранат и кои за Приштина ќе бидат граница што никогаш нема да ја премине. Тие бараат ветување дека никогаш нема да има признавање на Косово и дека Косово е територија на Србија. Јас ги замолив да го почитуваат она за што дојдов, да ги замолам да ги тргнат барикадите и да дадат шанса за дијалог, мир и доверба – кажа Вучиќ.
Претходно директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека барањата на Србите на барикадите се исполнети и дека Србија досега не добила посилни гаранции од САД и ЕУ кога станува збор за условите на Србите за повлекување на барикадите од северот на Косово, како и дека одговорноста сега ќе биде на властите во Приштина.
Конфликтот во регионот тлее веќе 20 години. На северот на Косово живеат околу 50 илјади Срби и тие одбиваат да ги признаат владата во Приштина и Косово како држава. И Србија не ја признава независноста на Косово.
Подготвил: Mарјан Велевски