Албанија – земја прогонувана од духовите на своето минато

На Денот на сеќавање на Британците што загинале во воени конфликти во 2022 година, група британски и албански граѓани свечено застанаа пред воениот споменик во центарот на Тирана,додека еден трубач го свиреше познатиот звук на комеморативната мелодија. Оваа церемонија имаше цел да им оддаде признание на британските војници што се бореле во Албанија против фашизмот и на Албанците што се бореле заедно со нив како сојузници.
Во меѓувреме, на интернет избувна вистинска војна на зборови откако Албанците што живеат во Британија протестираа против она што тие го нарекоа ксенофобичен и дискриминаторски наратив употребуван од државните службеници во однос на нив, а во услови кога се случуваше бран од илегална миграција кон бреговите на Обединетото Кралство. Постојано дежурниот Најџел Фараџ ја искористи оваа можност да ги обвини Албанците дека го навредуваат Денот на сеќавањето и дека не ги почитуваат воените напори на Британија, а тој истовремено (и блажено) не е запознаен со историјата меѓу двата народа.
Резултат на сево ова беше еден виор во медиумите и на социјалните мрежи, кој беше преполн со клевети против Албанците и нивно етикетирање како криминалци, наркобосови, шверцери, убијци и што сè не. Повеќето од овие зборови доаѓаа од луѓе што не знаат ниту со прст да покажат на карта каде е Албанија, но сите овие зборови беа интензивно почувствувани во Тирана.
На крајот на октомври, британската министерка за внатрешни работи Суела Брејверман го нарече „инвазија“ фактот дека мигрантите, вклучувајќи ги и Албанците, масовно го минуваат каналот Ла Манш. Британските медиуми избрзаа со оваа реторика и ја издигнаа во наратив дека армија млади Албанци што сакаат да шверцуваат дрога и секс, да се вклучуваат во организиран криминал и кои сакаат да живеат на грбот на британските даночни обврзници, вршат инвазија врз нашата држава.
Насилната импликација на зборот „инвазија“, кој се користи исклучиво во воената терминологија, во комбинација со интензивните изјави за организиран криминал и банди, предизвикаа страв во срцето на средна Англија.
Сепак, ваквиот страв не беше целосно без основа. Во текот на летото бројот на луѓе што го преминаа каналот Ла Манш со гумени чамци значително се зголеми, што предизвика тревога во Министерството за внатрешни работи. Набрзо се покажа дека една третина од оние што поминаа низ опасното патување потекнувале од Албанија, која е земја-членка на НАТО, која неодамна ги започна преговорите за пристап во ЕУ и која е безбедна, иако мошне сиромашна, европска земја. Во 2020 година, само 50 Албанци го поминале каналот Ла Манш со чамци, за потоа оваа бројка да се искачи на 11.241 во првите девет месеци од 2022 година. Со состојбата на 13 декември, оваа бројка се проценува дека изнесува речиси 14.000 луѓе, од кои повеќето побарале азил.

Откако ќе влезат во Обединетото Кралство, многумина од нив работат во сивата економија, во кујни, како чистачи, во хотели или во некои поединечни случаи (особено оние што имаат долг за да платат за својот транзит) на фарми за канабис или во структури што се занимаваат со шверц на дрога.
Иако порастот во бројките е значителен, брановите на миграција од Албанија не се ништо ново. По падот на комунизмот во 1991 година, илјадници луѓе ги минуваа новоотворените граници во очај за слобода и демократија. Во 1997 година, додека земјата беше речиси на раб на граѓанска војна, што се случи поради колапсот на пирамидалните шеми поради кои половина од земјата практично банкротира, илјадници луѓе побараа подобар живот во странство. Во текот на децениите што следуваа, илјадници од нив заминуваа секоја година во Обединетото Кралство, Европа и во САД.
Бројките од ЕУ раскажуваат слична ваква приказна во последнава деценија, при што Албанците постојано се рангирани меѓу оние луѓе со најголем број барања за азил. Ова лето, на пример, Франција имаше поголем број баратели на азил од Албанија што стигнале до нејзините граници – речиси 8.000 до јуни, а тука се уште илјадници други во другите земји на ЕУ, како што се Германија и Грција. Овие бројки се исто така значително помали од речиси седумдесетте илјади поднесени барања за азил во ЕУ и во Обединетото Кралство во 2015 година – овие бројки полеваат ладна вода на тврдењата на Брејверман.
Денес се смета дека околу 1,4 милион луѓе ја напуштиле Албанија по падот на комунистичкиот режим, при што 700.000 од нив си заминале само во последнава деценија. Причините зошто тие заминуваат се сложени, но некои од нив се сиромаштија, корупција, меѓугенерациска траума на општествено ниво, лоша инфраструктура, фрустрации и историјат на емигрирање.
Во 2022 година се случи европската економска криза, која дополнително имаше притисок врз луѓето, па се случија банди што користат Тикток за да се рекламираат дека нудат преминување преку каналот Ла Манш во износ од 3.000 британски фунти, па нагоре. Користењето на овие современи канали го олесни и опфатот на нивната порака до младите и едуцирани луѓе како целна публика.

Истовремено, не смееме да заборавиме дека на голем број Албанци веќе им е одобрен азил во ЕУ и во Обединетото Кралство, при што 53 отсто биле одобрени во прва инстанца и потоа уште 50 отсто по вложена жалба. Најчести причини се трговија со луѓе, семејно насилство, крвна одмазда, криминал и лихварство.
Како што во јавноста се отвора и развива дебата на оваа тема, јас разговарав со еден мој пријател Албанец, кој живее надвор од Лондон и кој има две мали деца. Тој е успешен бизнисмен и долги години легално престојува во Обединетото Кралство, но беше вознемирен од тоа што неговите ќерки дома прашувале зошто нивните другарки не си играат со нив и велеле дека Албанците се криминалци. Слушнав и други слични приказни од други Албанци што живеат во земјата и кои исто така велеа дека нивните мали деца плачеле и биле отфрлени кога сакале да си играат со другите деца.
Како мајка на албански државјанин, јас тоа го имам искусено од прва рака кога зборував на телефон во обид да извадам нов пасош. Кога се распрашував за тоа до каде е нејзиното барање за државјанство, господинот по телефон се пошегува велејќи: „А, ете, уште еден Албанец што сака британски пасош“. Бев вчудовидена!
Во Тирана, пак, моите пријатели Албанци одмавнаа со главите и се почувствуваа засрамено за тоа како ги доживува светот. Свесни за тоа дека Албанците имаа углед на криминалци и трговци со дрога – нешто што има делумна основа, но исто така се должи и на ксенофобијата и на стереотипи – тие се чувствуваат растргнато помеѓу гордоста поради својата етничка припадност, срам, страв и гнев.
Притоа, последиците од овој токсичен дискурс се значително поголеми од она што го спомнавме претходно. Како што веќе беше кажано, меѓу илјадниците барања за азил има и такви што се целосно основани. Има, на пример, жени што бараат прибежиште од ужасното семејно и сексуално насилство за кое не може да се добие правда или заштита, а има и такви што едноставно им побегнале на трговците со луѓе и биле отфрлени од своите семејства поради стигмата. Некои припадници на ЛГБТИК-заедницата не можат да најдат работа, да изнајмат живеалиште или да се движат сами во јавноста поради вознемирувањето на кое се изложени. Тука и се и други што се обидуваат да побегнат од криминалци, од убиства од одмазда и повремените случаи на политички прогон.

Албанскиот премиер Еди Рама во едно интервју неодамна изјави дека не може да им каже на младите да не си заминат, бидејќи тие имаат целосно право и слобода да го сторат тоа, но се надева дека некои од нив ќе се вратат во земјата, овој пат со нови вештини и нов начин на размислување.
– Јас навистина не го гледам тоа како трагедија туку како дел од овој период од историјата, а исто така и како дел од животот – рече тој и изрази жалење за експлоатацијата што ја вршат трговците со луѓе.
Тој дополнително додаде дека не значи оти иселувањето на Албанците е нешто лошо.Притоа, премиерот објасни дека кога луѓето заминуваат, тие со себе носат нови перспективи.
– Овие луѓе се враќаат во својата држава со поинаков менталитет, со себе носат одредено искуство и отвораат претпријатија, ги прават работите на поинаков начин и постигнуваат успеси – рече тој.
Но многумина во Албанија го обвинуваат токму него за високите бројки, истакнувајќи дека голем број луѓе си заминале токму додека тој е на функција.
Кога го интервјуирав лидерот на опозицијата и поранешен премиер и претседател Сали Бериша, тој изјави дека причина за заминувањето на луѓето се корупцијата и криминалот кај сегашната администрација. Ветувајќи дека ќе се врати на власт на претстојните локални, а потоа и на идните парламентарни избори, тој рече дека нивната партија работи на поврзување со луѓето од дијаспората.
– Се обидуваме да ги прошириме нашите врски не само со едуцираните луѓе во Албанија туку исто така и со луѓето во Обединетото Кралство, Германија, САД, Франција и насекаде. Тоа е огромен потенцијал – рече тој.
Бериша додаде дека таканаречениот проект „стекнување мозоци“ (brain gaining) ќе биде „еден од нашите најважни проекти“.
Сепак, граѓанското општество останува на ставот дека единствениот начин да се спречи луѓето да си заминуваат е да се изврши притисок за радикална промена во општеството и политиката, кој ќе биде оддалечен од духовите на минатото. Место каде што владеат правото, слободата и просперитетот и каде што напредуваат можностите, притоа поддржани со добра инфраструктура и со повисок квалитет на живеење.
Новата година е многу блиску, а неизвесноста и понатаму е тука. Војна тлее на границите на Европа, тензиите меѓу Косово и Србија и понатаму се зголемуваат, додека луѓето во Албанија, која е една од најсиромашните земји во Европа, и понатаму ја чувствуваат економската криза. Иако миграциските бранови во земјата биле присутни со децении, па дури и со векови, реалноста е дека Албанија не може да си дозволи и понатаму да го губи човечкиот капитал.
Конкретните планови за ублажување на ваквата состојба во Албанија се малку. Истовремено, Обединетото Кралство излезе со план што ќе ги казнува сите Албанци, а не само оние што сакаат да го злоупотребат системот.

Минатата недела владата на Обединетото Кралство објави план од пет точки, кој, во суштина, ќе им оневозможи на Албанците да бараат азил во земјата. Планот значително ќе го отежни процесот на разгледување на барањата. Ваквото решение, иако е неопходно за да се отстранат случаите што се неосновани, може исто така негативно да влијае и на оние што навистина имаат потреба од азил.
Иако планот предвидува стационирање на британски гранични службеници на аеродромот во Албанија, засилување на поморските патроли и формирање работна група за детално разгледување на секое барање, сепак малку се зборува за справување со коренот на проблемот во Албанија или со трговците со луѓе.
Ова значи дека оваа мала нација од регионот на Западен Балкан ја очекува тешка иднина, која ќе биде дополнително отежната со одливот на мозоци, стареењето на населението и намалената стапка на наталитет.

Алис Тејлор

Авторката е новинарка родена во Британија, која од 2017 година живее и работи во Тирана. Текстот е во рамките на иницијативата „Приказни од регионот“, која ја спроведуваат Рес публика и ИКС.