Позитивно е оценет проектот „Шах во училиштата“, со заклучок да се продолжи со уште позасилено темпо, усвоени се извештаите од одржаните меѓународни и домашни шаховски првенства на кои учествуваа македонски претставници, успешно е оценета годинава на шаховски план, со фокус ставен на младите шахисти, а Македонија годинава доби и шест нови ФИДЕ-арбитри
ШАХ – СЕДНИЦА НА УО НА ШФМ
Македонија во јануари ќе се кандидира да биде домаќин на Светското екипно првенство за ветерани (за 50 години и постари), кое би се организирало во Охрид или во Струга. Од порано Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), по успешна организацијата на Балканското екипно првенство во возрасната категорија до 18 години, кое се одигра на Попова Шапка, најави и кандидатура за Балкански опен турнир, кој се планира да биде организиран во Скопје. Донесен е календарот за 2023 година, кој треба да биде испратен до сите клубови за да го разгледаат и да се изјаснат по него најдоцна до 31 декември. Позитивно е оценет проектот „Шах во училиштата“, со заклучок да се продолжи со уште позасилено темпо. Усвоени се извештаите од одржаните меѓународни и домашни шаховски првенства на кои учествуваа македонски претставници, а успешно е оценета годинава на шаховски план со фокус ставен на младите шахисти. Потпретседателот на ШФМ, Агим Шемшиу, ќе биде претставник од ШФМ во седумчлениот УО на Балканската шаховска федерација. Ова се, меѓу другото, најзначајните заклучоци што ги донесе ШФМ, на чело со претседателот Саша Богдановиќ, на својата седница на Управниот одбор (УО) викендов во Скопје.
Македонија годинава доби и шест нови ФИДЕ-арбитри (Зоран Илиќ, Кире Николовски, Зоран Стојчевски, Оливер Органџиев, Вахидин Исмаили и Драгана Николовска), од кои се очекува да ја делат правдата на претстојното машко поединечно сениорско Европско првенство (ЕП) во Врњачка Бања (Србија) и на женското поединечно сениорско првенство во Будва (Црна Гора), закажани за март. Исто така, планирано е Балканската федерација да организира и камп за млади шахисти, а на кој, пак, ќе присуствуваат од пет до 10 претставници од секоја балканска федерација, како и врвни шаховски тренери.
– Она што треба особено да се нагласи е тоа што изминатава година имавме плодна шаховска активност, со настапи на екипни и поединечни турнири во младите категории на разни првенства и турнири, а чии настапи, пак, ШФМ ги обезбеди со финансиски средства. На тој план би ги спомнал школското ЕП во Црна Гора, поединечното Балканско првенство до 18 години во Црна Гора, Балканското тимско првенство до 18 години на Попова Шапка, настапот на репрезентацијата од 12 до 18 години на ЕП во Грција, поединечното СП за млади во Романија, со обезбеден превоз и котизација, настап на ЕП во Турција, сениорското машко и женско ЕП во Словенија, со обезбеден превоз и котизација, а тука е секако и Шаховската олимпијада во Индија, каде што настапија машката и женската сениорска репрезентација. На сите овие првенства Македонија имаше значајна бројна делегација. Патем, да нагласам и тоа дека ШФМ успеа да врати годинава и 6.000 евра стар долг – вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски. Г.И.