Сообраќајот на автопатот Скопје -Тетово се пренасочува по локален пат вечерва поради сообраќајка со повредени лица која се случила после 18 часот. Две возила се судриле во близина на Требошки натпатник, а при тоа се повредени четири лица.
– Околу 18 часот и 10 минути во СВР Тетово пријавено е дека на автопатот Скопје-Тетово, во близина на Требошки надвозник, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички моторни возила: „ауди“со тетовски регистарски ознаки управувано од 20-годишниот Ќ.Р. од тетовско Седларево и „фолксфаген голф“ со кичевски ознаки што го управувал 64-годишниот А.Р. од Кичево. Во несреќата, четири лица (сопатници) од „голфот“ задобиле телесни повреди констатирани во тетовската Клиничка болница – информираше Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
На местото на несреќата увид врши екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово, а сообраќајот се пренасочува по стариот пат за тетовско Желино.