Фото: Твитер/Профил на претседателот на Перу

Перуанската полиција го приведе претседателот Педро Кастиљо, се вели во соопштението на безбедносните сили, во која шефот на државата е именуван како поранешен претседател.

– Во исполнување на нашите обврски пропишани со законот за националната полиција на Перу, полицајците го приведоа поранешниот претседател на Перу, Педро Кастиљо – истакнуваат безбедносните сили.

Структурите на моќ го обвинија перуанскиот лидер за бунт и злоупотреба на моќта. Аналитичарите сметаат дека станува збор за државен удар, односно дека Кастиљо го прекршил уставот на земјата и дека неговите постапки се незаконски.

Претходно денеска, Кастиљо го распушти парламентот, кој по третпат требаше да го разгледа неговото отповикување. Тој најави и полициски час во земјата од 22 до 4 часот. Кастиљо ги повика сите кои поседуваат нелегално оружје да го предадат на националната полиција во рок од 72 часа.

Сепак, парламентарците се собраа и одлучија за оставка на шефот на државата.

Во ноември, илјадници луѓе демонстрираа во најмалку шест региони на Перу барајќи оставка од Кастиљо. Граѓаните го обвинуваат шефот на државата, неговото семејство и опкружувањето за корупција. Против Кастиљо се отворени шест кривични постапки под обвинение за корупција и други кривични дела. Тој самиот ги негира обвинувањата, нарекувајќи ги политички прогон.