Мајката на осудениот Андреј Костовски со лелкање за високата затворска казна на нејзиниот суд. Обвинетата Клементина Лефковска исто така реагираше на високата казна и бараше да ја однесат во тоалет бидејќи и се повраќа. Нервозен и со коментари кон судот, реагираше Анџело Ѓоргиевски.
Додека обвинителката Тања Трајчевска бараше продолжување на мерката притвор поради опасност од бегство, а Анџело коментираше, реагираше судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ со тропање на масата за да ја смири атмосферата, пренесува „Макфакс“.
„Ќе ме избркате од судница што е? Притворот продолжува“, ѝ рече Анџело на судијката која удри на масата бидејќи тој говореше пред да добие збор.
Вкупно 52 години казна-затвор за убистото на ракометарот Тот
„Смири се“, му порача адвокатот, а тој му врати: „Што да се смирам?“.
Најголем шок беше евидентен кај мајката на Андреј Костовски, третообвинет, која со лелек и неверување ја слушна 16 годишната казна на нејзиниот син, за кого судијката посочи дека имало искрено каење. Таа беше во шок.
По завршување на судењето, Костовски се обрати до мајка му: „Пред господ сум чист, не сум убил никого. Совеста ми е чиста. Тоа е заради јавност, знаеме под какви околности. Не се секирај мама, се е во ред“.
Реакцијата имаше и од мајката на Клементина која доби 18 години казна затвор.
„Која е оваа правда? Што е ова“, прашуваше мајката која со реакциите продолжи и во ходникот на судот.
Дел од обвинетите, за време на паузата беа извадени од судницата поради негодување и коментирање. Но, коментари до обвинителката имаа и првите двајца обвинети.
„Ах Тања, Тања кај ќе ви оди душата?“, и се обрати Анџело и на обвинителката.
„Ова не е убиство“, и рече Клементина на обвинителката, а таа ја напушти судницата.
Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ изрече високи затворски казни за тројцата обвинети за убиството на Денис Тот. Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски е осуден на 18 години. Второобвинетата Клементина Лефковска е осудена на 18 години затвор. Третообвинетиот Андреј Костовски е осуден на 16 години затвор.
Обвинителката побара обвинетите да останат во притвор. На ова реагираше Анџело, кој кажа дека никогаш не бегал.
„Во однос на тоа дека сум се дал во бегство, јас не сум се дал во бегство. Туку кога дознав дека полицијата ме бара, јас сам се пријавив и спроведов, заедно со инспекторите од потраги бев спроведен во затвор. Јас бев изгубен од целиот настан, бев под антидепресиви, но кога дознав дека полицијата ме бара сам дојдов во притвор“, рече обвинетиот Анџело Ѓоргиевски.
И Клементина се побуни за продолжување на мерката притвор.
„Исто јас сама се пријавив во станицата, кога го извршив делото имав 18 години, сега во притвор направив 19 години“, рече Клементина.
Андреј Костовски, само посочи: „Останувам на се што кажа мојот бранител“, додека претходно, адвокатот аргументираше зошто ефектот обвинетиот да не избега, може да се постигне и со поблага мерка.
Тројцата обвинети остануваат во притвор до започнување на издржување на казната односно до правосилност на пресудата.