Фото: Игор Бансколиев

Неодамна, барајќи реформи во ООН преку проширување на Советот за безбедност и укинување на правото на вето (наводно во интерес на Украина), португалскиот премиер Антонио Кошта поентира дека „ЕУ нема капацитет (и желба) за проширување (ниту со Украина ниту со земјите од Западен Балкан)“! Португалскиот премиер, случајно или намерно, „ги разоткри“ непринципиелната контрадикторност и себичноста на Европската Унија, лоцирани во пропишаните меѓународноправни процедури. Во тој контекст, за јавноста уште еднаш стана препознатливо дека „Македонија, македонскиот народ, јазик, историја, идентитет итн. се сериски жртви на консензуалната форма на вето во ЕУ“, нешто со кое со децении се справува на својот евроинтегративен пат

Предизвикот на ветото во современата меѓународна политика

Македонија во текот на сето свое опстојување и настојување како независна држава да ги афирмира и верификува својата државност и национална посебност на меѓународен план постојано добиваше како „студен туш“ различни форми на правото на вето во меѓународните организации. како негативен (процедурален) одговор за своите стремежи.
Но, еве, соговорниците на „Нова Македонија“ обрнуваат внимание дека „пошироката меѓународна заедница (пред сѐ претставена преку ЕУ и НАТО), оваа година сѐ посериозно удира во ѕидот на привилегиите што за одредени земји ги носи ваквото право на ексклузивно одлучување“. Нашите соговорници истакнуваат дека „динамиката на меѓународните случувања и настани, како и нивната природа, сѐ повеќе чувствуваат пречка и ограничувања од неефикасните процедури во меѓународноправното одлучување и процедури во меѓународните институции, правејќи ги истите тие троми и неефикасни“.

Отварањето на прашањето на ветото во меѓународните организации

Отворањето на прашањето на ветото во меѓународните организации несомнено е предизвикано од руско-украинскиот конфликт, кој трае веќе девет месеци, но обидите на повеќе држави за санкционирање на Русија за „воената операција“ што ја спроведува во Украина, преку Организацијата на Обединетите нации, вообичаено се осуетени токму поради правото на вето што го има Руската Федерација во Советот на безбедност при ООН. Заедно со САД, Кина, Франција и Велика Британија, Русија има еднакво право на вето, како дел од „големата петорка“ на Советот за безбедност во Обединетите нации.
Во последниов период почесто почнаа да се пласираат изјави, пред сѐ на европски политичари, за реформи во принципот на одлучување во Обединетите нации. Неодамнешна артикулација на таквата идеја за реформи во Советот за безбедност во ООН имаше португалскиот премиер Антонио Кошта, на отворањето на конференцијата на Си-ен-ен Португалија во Лисабон. Во говорот од околу половина час, португалскиот премиер се заложи за реформа на Обединетите нации, со проширување на Советот за безбедност, и крај на правото на вето на нациите за нивна сопствена кауза, ставајќи ги овие заложби во контекст на моменталната состојба со војната во Украина.
– Оваа криза го стави прашањето за проширувањето во центарот на дебатата – и тоа драматично го направи во однос на Украина, но, исто така, дополнително, во однос на многуте ветувања дадени во текот на годините од страна на Европската Унија, зголемувајќи ги очекувањата, особено во земјите од Западен Балкан. Европската Унија има многу јасни критериуми за пристапување на нови земји-членки, но, за жал, таа нема критериуми за сопствениот капацитет да прими нови земји-членки – нагласи Кошта.
Барајќи реформи во ООН, преку проширување на Советот за безбедност и укинувањето на правото на вето, наводно во интерес на Украина, за веднаш потоа да поентира дека ЕУ нема капацитет (и желба) за проширување (ниту со Украина, ниту со земјите од Западен Балкан), португалскиот премиер речиси и не забележа дека ги разоткри непринципиелната контрадикторност и себичност на Европската Унија. Барајќи укинување на ветото во ООН, Кошта на свој начин се повика на консензусот при носењето одлуки за проширување на ЕУ, што практично значи „подемократска“ форма на вето, со која секоја земја-членка може да го блокира проширувањето на Унијата. Македонија е сериска жртва на консензуалната форма на вето во ЕУ, со која со децении се справува на својот евроинтегративен пат.

Очекувано е да се менуваат и осовременуваат начини те на кои функционира соработката на државите на меѓународен план

Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација, смета дека е очекувано да се менуваат и осовременуваат начините на кои функционира соработката на државите на меѓународен план и во меѓународните организации. Но ова е време кога се случуваат тектонски промени во кои некои структури ќе исчезнат, а ќе се градат нови.
– Не е чудно што се појавуваат нови предлози за реорганизација на мултилатералниот систем, кој, каков што го знаеме, е граден како одговор на злосторствата и деструкцијата на Втората светска војна. Очекувано беше да се менуваат структурите, начините на кои државите ќе се организираат да соработуваат и да се натпреваруваат. Војната во Украина е голема пресвртница поради тоа што го изместува балансот на моќ што беше граден во последниве седум децении. Тоа што се случува на боиштата во Украина се пресликува и на преговарачките маси во Њујорк, Виена, Брисел, Женева и Стразбур. Неспорно е дека имаше потреба од реадаптирање на овие кабести системи за да бидат функционални и да ги остварат целите за кои се создадени. Но, сега, по војната што Путин ја започна во Украина, ќе се случуваат тектонски промени во кои некои од постојните структури ќе исчезнат, а ќе се градат нови. За жал, историјата ни кажува дека многу долго време треба да помине по војните за да стигнеме во фаза на градење нови системи за соработка и безбедност. Но логично е идеи веќе да циркулираат – вели Ида Мантон.

Македонија и понатаму ќе биде жртва на историските синдроми на своите соседни земји, како и на геополитичките интереси на највлијателните држави?!

И амбасадорот Ристо Никовски смета дека ветото во актуелната меѓународна политика е анахрон принцип, кој не соодветствува со принципите врз кои се гради современиот свет, но сепак не гледа ниту сигнали ниту расположение кај главните субјекти во геополитиката тој начин на носење одлуки да биде променет.
– Веќе подолго време има иницијативи, од една страна за проширување на Советот за безбедност на ОН, а од друга страна за укинување на правото за вето. Меѓутоа, речиси е невозможно да дојде до согласност за промена на принципот врз кој функционира ова врвно тело на светската политика. Во секој случај, правото на вето за само мал број земји не соодветствува на принципите врз кој се гради и функционира современиот свет: демократија, либерализам, човекови права… Што се однесува до Европската Унија, крајно анахрон е принципот на вето, кој, за волја на вистината, во оваа организација го имаат сите земји-членки, преку принципот на консензус во носењето некои одлуки. Тоа го оневозможува нормалното функционирање на Унијата, нејзината ефикасност, и ќе биде сѐ поголем проблем во иднина. Сепак, како што стојат работите, се чини дека нема ни теоретски шанси членките да се договорат принципот на консензуално одлучување да биде променет. Тоа нема да го дозволат најмалите земји во Сојузот, а за такви промени не се особено заинтересирани ни главните земји-членки. Ова значи дека Македонија и понатаму ќе биде жртва на историските синдроми на своите соседни земји, како и на геополитичките интереси на највлијателните држави – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.


Начини на одлучување во меѓународните организации

Професорката Ида Мантон ги анализира сегашните начини на носење одлуки во меѓународните организации, како ООН и ЕУ, но предупредува дека по „судирот на титаните“ во прокси-војната во Украина, меѓународните организации ќе бидат неподготвени за остварување на проекциите што беа ветувани пред Украина.
– Одлуките во меѓународните организации се носат на различни начини што ја рефлектираат моќта што ја имаат државите во тој собир. Петте постојани членки во Советот за безбедност на ОН секако дека имаат поголема моќ, но и со структурата на десетте непостојани членки често се доаѓаше до ситуации на немоќ со дипломатија да се решат светските проблеми. ЕУ го унапреди и демократизира одлучувањето со воведување квалификувано мнозинство (QM) во гласањето. За почувствителни прашања сепак одлуките се носат едногласно, а во поделен свет тоа е сѐ потешко да се постигне. Консензусот како начин на одлучување во ОБСЕ, каде што 57 земји учеснички имаат ист глас, е исто така проблематичен и доведе до јасна поларизација и блокирање на организацијата, која не може да изгласа ни буџет за изминатава година. За секоја одлука треба да нема противници. А сега сѐ е спротивставено, војна е и системот е закочен. ЕУ има уште посложени системи на носење одлуки и Македонија веќе ги искуси проблемите, кои често произлегуваат од неразбирањето дека ЕУ не е еден ентитет и дека за да се постигне одлука во Советот, мора да се согласат сите земји, што е различно од консензус – никој да не се спротистави. Во време на „судир на титаните“, помалите држави и сојузи ќе мора да бидат мудри, а тоа често ќе значи соочување и справување со протекционизмот и неподготвеноста за остварување на проекциите што беа ветувани пред Украина – укажува Ида Мантон.


Франција се заканува со вето

Францускиот претседател Емануел Макрон деновиве најави дека има намера да стави вето на назначувањето на кој било британски или турски кандидат за функцијата генерален секретар на НАТО. Тоа ги налути Британците, кои сакаат британскиот министер за одбрана Бен Валас да го кандидираат за нов генерален секретар на НАТО.
– Англофобијата на Макрон е разочарувачка, но барем тој е доследен – изјави британскиот конзервативен пратеник Ендрју Бриџен.
Според „Њујорк тајмс“, кандидати за функцијата генерален секретар на НАТО се: Британецот Валас, канадската вицепремиерка и министерка за финансии Кристиа Фриланд, естонската премиерка Каја Калас, словачката претседателка Зузана Чапутова и поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ.