Гости во училиштето беа тренерот по карате Жарко Арсовски, прв освојувач на
медал за Македонија од светските првенства за сениори во Белград 2010 година, кога освои бронза, и неговиот ученик Глигор Хаџи-Кимов. Тој е балкански вицешампион во сениорска конкуренција и актуелен репрезентативец на Македонија во карате во сениорска конкуренција

Продолжува проектот „Развивање љубов кон уметностите и спортот и други професии
преку позитивни примери“ во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип

Во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип продолжува реализирањето на проектот „Развивање љубов на учениците кон уметностите и спортот и други професии преку позитивни примери“. Овој пат децата се запознаа со тајните на каратето.
– Вториот час од проектот инициран од нас наставниците во училиштето и од познатиот музичар Ивица Јорданов продолжи минатата недела, со презентација на каратето како спорт и вештина од страна на тренерот по карате Жарко Арсовски, првиот освојувач на медал за Македонија од светските првенства за сениори во Белград 2010 година, кога освои бронзен медал, и неговиот ученик Глигор Хаџи-Кимов. Тој е балкански вицешампион во сениорска конкуренција и актуелен репрезентативец на Македонија во карате во сениорска конкуренција – ни рече одделенскиот наставник Миле Алексовски.
Презентацијата се одржа во салата на ООУ „Ванчо Прке“ и ја следеа ученици од второ до деветто одделение.
– Презентацијата имаше теоретски дел во кој на децата им беше објаснето дека каратето е спорт што бара вистинска посветеност. Им беше предочено на учениците дека спортот и физичката активност можат да обезбедат многу придобивки за децата и адолесцентите. Понатаму научија дека зборот карате значи „празнa ракa“ и дека тренирањето карате и посветеноста кон овој спорт нè учи на почит кон противникот, пред сè, самодисциплина, самоконтрола, решителност, упорност и токму овие карактеристики се клучни и многу значајни при формирањето и развојот на личноста кај децата и младите. Потоа се продолжи со демонстрација на удари, одбрани и борба од страна на Жарко и Глигор. Во организацијата ни помогнаа и наставниците по ФЗО, Звонко Рунчев, Александар Берков и Методи Петров – вели наставникот Миле Алексовски.
Тој дополни дека проектот за развивање љубов на учениците кон уметностите и спортот не завршува овде и ќе продолжи во континуитет низ целата учебна 2022/2023 година, а активностите ќе ги следиме и на страниците на „Колибри“.

М.Т.