Според соопштението на Европол, во координирани акции спроведени помеѓу 8 и 19 ноември низ Европа и Обединетите Арапски Емирати, со поддршка на американската агенција ДЕА, бил разбиен таканаречениот „суперкартел“ за трговија со дрога. Во акцијата се уапсени 49 осомничени членови на картелот што контролираше речиси третина од трговијата со кокаин во Европа. Обемот на увезен кокаин во Европа под контрола на осомничените бил огромен, а полицијата во текот на истрагата запленила над 30 тони дрога

Европол спроведе успешна акција против голема шверцерска група

Европската полициска агенција Европол соопшти дека успешно доведе до крај голема меѓународна полициска акција. Во координирани акции, спроведени помеѓу 8 и 19 ноември низ Европа и Обединетите Арапски Емирати, полициските служби од повеќе земји, со координација на Европол и со поддршка на американската агенција за борба против дрогата ДЕА, бил разбиен таканаречениот „суперкартел“ за трговија со дрога.
Во големата полициска акција биле вклучени полициите и безбедносните служби на Шпанија, Франција, Белгија, Холандија, Обединетите Арапски Емирати и на САД. Притоа биле уапсени 49 осомничени члена на картелот, за кој Европол проценува дека контролира речиси третина од трговијата со кокаин во Европа. Тринаесет лица се уапсени во Шпанија, шест во Франција, десет во Белгија, 14 во Холандија и шест во Дубаи.
Официјално се наведува дека во акцијата се обезбедени доволно докази со кои ќе бидат потврдени првичните сомневања и тоа ќе доведе до ставање зад решетки на осомничените на подолг рок. Се потенцира дека во акцијата се запленети поголемо количество дрога, парични средства и возила на осомничените. За обемот на увезен кокаин во Европа што бил под контрола на осомничените зборува и податокот дека полицијата во текот на истрагата запленила над 30 тони дрога.
Иако засега не се спомнуваат официјално имињата или националностите на уапсените, многу е веројатно дека станува збор за членови на т.н. балкански картел – групација на балкански криминалци што ги обединува членовите на организирани криминални групи пред сѐ од просторите на поранешна Југославија, заедно со нивните колеги од Албанија.
Медиумите што му посветуваат големо внимание на овој случај, повикувајќи се на извори од истрагата, засега спомнуваат извесен 40-годишен Холанѓанец, кој е и државјанин на Босна и Херцеговина. Наводно, истрагата успеала да дојде до него и некои од уапсените со пробивање пресретнати пораки од апликацијата Скај. Тој не само што е осомничен за увоз на големи количества кокаин туку и дека организирал увоз на близу осум тони суровина за производство на амфетамин. Суровините пристигнале преку пристаништето Антверпен во Белгија, а организираната група имала и компанија во Холандија како крајна дестинација. Се нагласува дека тоа била појдовната точка за отворање кривична истрага, што подоцна придонело за откривање на целата група.
Европските медиуми што ја објавија веста за акцијата на Европол потсетуваат на уште една голема полициска акција во која повторно имаше „балканска врска“. Имено, пред неколку дена во голема полициска акција беа уапсени неколку српски државјани, за кои се претпоставува дека се дел од добро организирана криминална група што шверцувала сто килограми кокаин. Вредноста на запленетиот кокаин се проценува на повеќе од десет милиони евра.
Во Холандија беа уапсени членови на организирана криминална група, српските државјани Д.Р. (28) и Д.П. (48), кај кои се пронајдени оружје и одредена сума пари за кои постои сомневање дека се резултат на криминални дејства, додека во Белгија и во Луксембург српските државјани С.К. (36), Ѓ.Д. (32), Ј.В. (33), едно непознато лице, како и С.Ѓ. (42) државјанин на БиХ.


Кој е на чело на балканскиот картел?

Меѓу уапсените во акцијата, неофицијално се спомнува и мистериозниот Тито, лице во сенка што сите го познаваат само по прекарот. Се спомнува дека тој е човекот што со телефонски повик може да организира купување и транспорт на тони кокаин од Јужна Америка до Западна Европа, наведуваат медиумите што се повикуваат на извори во истрагата.
Кој е мистериозниот Тито? Иако нема веродостојни податоци за неговиот вистински идентитет, некои белградски медиуми вчера објавија сомневања дека станува збор всушност за Един Гачанин (40), најверојатно државјанин на Босна и Херцеговина, кој со години не живее на балканските простори, а целиот бизнис го води од Дубаи. Овој емират во ОАЕ одамна е безбедно засолниште за криминалците, особено од Балканот, кои нашле добро место таму и се населиле, а оттаму воделе многу криминални бизниси, вклучувајќи го и најпрофитабилниот, трговија со кокаин.
Гачанин е роден во Сараево, се наведува дека соработувал со сите криминални организации од Балканот, но и од целиот свет, а наводно има директни врски со колумбиските картели, како и со перуанските „кокалерос“ – производители на кокаин, пренесуваат белградските медиуми.