Главното прашање на кое се бара одговор е како побрзо да се зголеми производството и да се обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија од домашните капацитети, преку искористување на целокупниот потенцијал за производство на електрична енергија. Тоа е најсуштинската и тежишна точка за амортизирање на енергетската криза, особено за индустријата: доведување и максимално активирање на капацитетите на базното производство на енергија – најдостапна, најевтина, најпозната за менаџирање… Во тој контекст, пак, некои од граѓаните го поставуваат и прашањето за производство на струја од дополнителни и алтернативни извори, особено за домаќинствата. Колку воопшто, во оваа ситуација, тие можат да придонесат до ублажување на дефицитот од струја?

Активирање на сите ресурси за производство на енергија

Енергетската криза и високите сметки за струја ги принудија граѓаните и стопанските субјекти да побараат алтернативни извори за снабдување со електрична енергија. Бројот на барањата за поставување обновливи извори на енергија е во постојан пораст. Според податоците на ЕВН, досега вкупно 670 производители и потрошувачи производители што инсталирале фотоволтаични системи имаат добиено согласност за приклучување на електродистрибутивната мрежа. Од нив, 126 се потрошувачи производители што имаат склучено договор за откуп на произведената енергија со снабдувач на либерализиран пазар или со универзалниот снабдувач.
Македонските компании и граѓани ја искористија можноста по измените на законската регулатива и олеснувањето на постапката на објектите во индивидуална сопственост да бидат поставени фотонапонски електроцентрали со моќност од шест киловати, а на стопанските објекти со моќ до 40 киловати. Ако во 2019-та имало 35 нови фотонапонски електроцентрали со моќност од 5,8 мегавати, во 2020-та имало 29 со инсталирана моќност од седум мегавати, додека лани имало 48 соларни електроцентрали со моќност од 14 мегавати.
Од јануари до ноември 2022 година, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори за околу 200 електроцентрали, за вкупно инсталиран капацитет од 86 мегавати. Најголем интерес има за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали, односно годинава имаат издадено лиценци за 86,8 мегавати инсталиран капацитет од фотонапонски електроцентрали, додека 6,4 мегавати се за мали хидроцентрали и 2,5 мегавати за термоцентрали на биогас, или вкупно се издадени лиценци со предвидено просечно годишно производство на електрична енергија од обновливи извори на електрична енергија на ниво од 95,7 мегавати. Овие електроцентрали се приклучени на електродистрибутивната мрежа.
Премиерот Димитар Ковачевски на неодамнешната конференција во Белград, на која се разговараше за заедничко надминување на енергетските предизвици на регионот, изјави дека Македонија останува доследна на својата енергетска стратегија да биде лидер во снабдувањето со енергија од обновливи извори.

– Енергетската криза е одлична можност да се искористат ресурсите од зелена енергија со кои располагаме ние земјите од Балканот, особено и нашата држава, но истовремено и одлична можност целиот регион да се развива како нова енергетска сила. Ова е можност заеднички да ја искористиме глобалната енергетска криза за да ги претвориме нашите држави во центар на зелена енергија што ќе ги снабдуваат со струја не само својот сопствен пазар туку и регионот и земјите пошироко – изјави Ковачевски на седницата за пратенички прашања.
Сепак, како што се наведува во Стратегијата за развој на енергетиката во Македонија до 2040 година, нашата земја има релативно висока зависност од увоз на електрична енергија во регионот. Од друга страна, ваквиот вид зелена енергија ни оддалеку не може да ги покрие енергетските потреби на стопанството и индустријата. Или, со други зборови, моментално добиените количества од таканаречена зелена енергија се само капка во морето во однос на вкупните потреби од енергија што ги има државата, каде што увозот и понатаму игра значителна улога.
Потрошувачката на електрична енергија во Македонија се намалува од 2010 до 2016 г., со просечна годишна стапка од 3,7 отсто, најмногу како резултат на потрошувачката во индустријата. И покрај намалувањето на потрошувачката, просечниот удел на увозот во разгледуваниот период изнесува ~30 отсто од вкупната потрошувачка на електрична енергија. Во споредба со земјите во регионот, Македонија, заедно со Хрватска и Словачка, има еден од највисоките удели на увозот на електрична енергија во вкупните потреби од електрична енергија.
Главното прашање на кое се бара одговор е како побрзо да се зголеми производството и да се обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија од домашните капацитети, преку искористување на севкупниот потенцијал за производство на електрична енергија, посочуваат енергетичарите.

– Секое домаќинство може да постави соларни панели и да произведува струја. Во секој случај, тоа е можно, но потребна е политичка волја за да се направи сето ова и сметам дека таква политичка волја сега постои кај нас и дека сѐ повеќе овие законски измени овозможуваат подобар квалитет на животот на граѓаните, поквалитетна работа и така натаму. Живееме во период на енергетска транзиција во кој граѓаните и невладините организации во моментов не се толку вклучени. Граѓаните и невладините и сите власти во државата треба полека да почнат да работат за таа енергетска транзиција што поскоро да дојде и да се реализира кај нас – вели Драган Миновски, експерт за енергетика и универзитетски професор.
Во делот на капиталните инвестиции за изградба на нови капацитети, за кои е потребно учество и од државата, соработникот за енергетика во Владата, Виктор Андонов, вели дека проектот „Вардарска Долина“, кој повеќе од три децении чека реализација, е ставен во плановите на ЕСМ. Во моментов се изработуваат дополнителни анализи за можностите на кои локации може да се изградат малите проточни хидроцентрали, со оглед на тоа што студиите со кои се располага се постари од 50 години и потребно е да се направи обновување на податоците.
Во контекст на енергетската криза и начините за нејзино надминување, Андонов го истакнува фактот дека најдобро и најефикасно решение е инвестирањето во нови енергетски капацитети. Во изминатите три години се потпишани договори за изградба на 130 мегавати на фотонапонски електроцентрали по пат на премиум-тарифи – мерка што беше воведена за првпат со новиот закон за енергетика. Пред околу еден месец беше пуштена најголемата фотонапонска централа од 17 мегавати, во изминатиот период беа пуштени неколку помали, а се очекува до крајот на наредната, 2023 година да бидат пуштени во употреба сите електроцентрали од вкупно 130 мегавати.

Дополнително е потпишан договор за јавно-приватно партнерство за изградба на две електроцентрали по 50 мегавати на стариот рудник во Осломеј со турска и со бугарска компанија и се очекува во текот на наредна година да бидат изградени овие две електроцентрали. Таму веќе има изградено и фотонапонска електроцентрала од десет мегавати, инвестиција на ЕСМ со поддршка од ЕБОР и во овој момент се објавени јавни повици за изградба на уште една десет мегаватна електроцентрала во Осломеј и една дваесетмегаватна во РЕК-Битола.
Како најважен проект за нашата енергетска транзиција е хидроцентралата „Чебрен“, за која се очекува до крајот на оваа година да се донесе одлука за избор на најповолна понуда и конечно овој проект да биде реализиран. Пред реализација се и стратегиски инвестиции, како што се една од најголемите фотонапонски електроцентрали во овој дел од Европа – соларниот парк „Стипион“ од страна на француска компанија, со инсталиран капацитет околу 400 мегавати, и ветерниот парк „Вирови“ во реонот на Крива Паланка, Ранковце, со инсталиран капацитет од 414 мегавати, од страна на реномирана германска компанија. М.Ј.