На 20-от национален конгрес на Комунистичката партија на Кина минатиот месец, претседателот Си Џинпинг ја зацврсти својата власт. Централизацијата на моќта на Си претставува поинаков пристап и останува да се види како ќе се справи земјата со актуелните предизвици.
Американскиот претседател Џо Бајден значително го додаде на овие предизвици она што Едвард Лус од „Фајненшел тајмс“ соодветно го нарече „целосна економска војна против Кина“. Непосредно пред Конгресот на партијата, САД објавија огромен спектар на нови ограничувања за продажба на напредни технологии од кинески фирми. Како што забележува Лус, Бајден отишол многу подалеку од својот претходник Доналд Трамп, кој целеше на поединечни компании како „Хуавеи“. Новите мерки се зачудувачки во нивната амбиција, за да се спречи подемот на Кина како високотехнолошка сила.
САД веќе контролираат некои од најкритичните точки во глобалниот синџир на снабдување со полупроводници, особено оние за напредно истражување и изработка на чипови. Како што вели Грегори К. Ален од Центарот за стратегиски и меѓународни студии, новите мерки подразбираат „невиден степен на интервенција на американската влада не само за да се зачува контролата на клучните точки туку и да се започне нова политика на САД за активно задушување на големи сегменти од кинеската технолошка индустрија“.
Како што објаснува Ален, стратегијата на Бајден има четири меѓусебно поврзани делови, насочени кон сите нивоа на синџирот на снабдување. Целите се да се оневозможи пристапот на кинеската индустрија за вештачка интелигенција до врвни чипови; да се спречи Кина да дизајнира и произведува чипови со вештачка интелигенција дома, со ограничување на пристапот до американскиот софтвер за дизајн на чипови и опремата за производство на полупроводници произведена во САД, но и да го блокира кинеското производство на сопствена опрема за производство на полупроводници со забрана на испораките на американски компоненти.
Пристапот е мотивиран од ставот на администрацијата на Бајден, за кој постои широк двопартиски договор, дека Кина претставува значајна закана за САД. Но закана за што? Бајден ја изрази во предговорот на својата неодамна објавена Стратегија за национална безбедност: „Народна Република Кина има намера и, сè повеќе, капацитет да го преобликува меѓународниот поредок во корист на оној што го насочува глобалното поле за игра во нејзина корист“.
Да биде појасно, Кина е закана не затоа што ги поткопува сите основни безбедносни интереси на САД, туку затоа што ќе сака да има влијание врз правилата на глобалниот политички и економски поредок додека станува побогата и помоќна. Во меѓувреме, „САД остануваат посветени на одговорно управување со конкуренцијата“, што навистина значи дека тие сакаат да останат неприкосновената сила во обликувањето на глобалните правила во технологијата, сајбер-безбедноста, трговијата и економијата.
Со ваквиот одговор, администрацијата на Бајден го удвојува приматот на САД наместо да се приспособи на реалноста на постуниполарниот свет. Како што јасно покажуваат новите контроли на извозот, САД се откажаа од разликата помеѓу технологиите што директно ѝ помагаат на кинеската војска (а оттука може да претставуваат закана за сојузниците на САД) и комерцијалните технологии (кои би можеле да произведат економски придобивки не само за Кина туку и за другите исто така, вклучувајќи ги и американските фирми).
Но САД сега ја преминаа границата. Ваквиот широк пристап поттикнува значителни опасности сами по себе, дури и ако може делумно да се оправда со испреплетената природа на трговскиот и воениот сектор на Кина. Правилно гледајќи ги новите ограничувања на САД како агресивна ескалација, Кина ќе најде начини да возврати, зголемувајќи ги тензиите и дополнително засилувајќи ги меѓусебните стравови.
Големите сили (и сите земји) внимаваат на своите интереси и ја штитат својата национална безбедност, преземајќи контрамерки против другите сили доколку е потребно. Но, како што тврдевме јас и Стивен М. Волт, безбеден, просперитетен и стабилен светски поредок бара овие одговори да бидат добро пресметани. Тоа значи дека тие мора да бидат јасно поврзани со штетата нанесена од политиките на другата страна и наменети единствено да ги ублажат негативните ефекти на тие политики. Одговорите не треба да се бараат со посебна цел да се казни другата страна или да се ослаби на долг рок.
Новиот американски пристап кон Кина создава и други слаби страни. Националната безбедносна стратегија ги нагласува „заедничките предизвици“, како што се климатските промени и глобалното јавно здравје, каде што соработката со Кина ќе биде клучна. Но таа не признава дека спроведувањето економска војна против Кина ги поткопува довербата и изгледите за соработка во тие други области. Тоа, исто така, ја искривува домашната економска агенда со тоа што приоритетот ќе биде да се надмине Кина за разлика од другите поважни цели. Инвестирањето во синџири за снабдување со полупроводници со големо количество капитал и вештина, на кои моментално се фокусира американската индустриска политика, е речиси најскапиот начин за создавање добри работни места во американската економија за оние на кои им се најпотребни.
Проблемот со хиперглобализацијата беше што се дозволи големите банки и меѓународните корпорации да ги пишуваат правилата на светската економија. Добро е што се оддалечуваме од тој пристап, со оглед на тоа колку беше штетен за општественото ткиво. За жал, се чини дека големите сили избраа поинаков, полош пат. Тие сега им ги предаваат клучевите од глобалната економија на своите национални безбедносни институции, загрозувајќи ги и глобалниот мир и просперитетот.
Дени Родрик е професор по меѓународна политичка економија на школата „Кенеди“ на универзитетот „Харвард“