В година нѐ очекуваат СК, ЕП и СП, за титули и за подготовки и за темпирање на формата за ПОИ 2024. А, за да се постигне што подобра тренажна форма, потребно е да се обезбедат услови за непречен тренинг во Битола, но и во Охрид и во Скопје, да се набави доволно количество квалитетна муниција, да се купи ново и да се тестира оружјето, како и да се најде соодветна мотивација за интензивен и макотрпен тренинг за следната сезона, вели селекторот на параолимписката репрезентација во стрелаштво, Бранимир Јовановски

СТРЕЛАШТВО – ПО ЗЛАТНИОТ МЕДАЛ НА ОЛИВЕРА НАКОВСКА-БИКОВА НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО

Македонската параолимпијка, стрелачката Оливера Наковска-Бикова со новиот голем успех, освојувањето на златниот медал на Светското првенство (СП) во стрелаштво во Ал Аин (Обединети Арапски Емирати), во дисциплината воздушен пиштол (П4) слободен избор од 50 метри, прв златен во нејзината спортска кариера од СП, го визира и пасошот за настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз во 2024 година.
– Освојувањето на златниот медал на СП за Оливера Наковска-Бикова, како спортист стрелец и за мене како нејзин тренер, претставува комплетирање на сетот златни медали од европски и светските првенства и од параолимписките игри. Ова беше единствената титула што ѝ недостигаше и за која вредно работевме повеќе од дваесет години. Успехот на СП се должи на одличната подготвеност на Оливера, на многуте часови поминати на посебно планиран и спроведен тренинг, многуте самооткажувања, за што најмногу покрај неа трпи нејзиното семејство, но и на нејзината самодоверба и одлучност во секој натпревар да го даде најдоброто од себе, ментално да ја победи неизвесноста и целосно фокусирана во вистински ритам да ги повторува елементите на изведба на истрел од првиот до последниот. Секако дека тоа не оди така лесно и едноставно, но тука е улогата на тренерот, со своите навремени и исправни совети да ја врати во натпреварот секогаш кога ќе забележи дека влегува во натпреварувачка криза. Затоа е многу важна комуникацијата помеѓу спортистот и тренерот, довербата и верувањето во спроведувањето на дадените совети од тренерот во конкретен момент. Да потсетам дека Наковска-Бикова годинава ги освои титулите европска и светска шампионка, и тоа во две сосема различни дисциплини, на воздушен пиштол од 10 и воздушен пиштол слободен избор од 50 метри, што дополнително ги потврдува нејзината универзалност и силен квалитет во повеќе стрелачки спортски дисциплини – вели селекторот на македонската параолимписка репрезентација во стрелаштво, Бранимир Јовановски, кој е освојувач на олимписко злато од ПОИ во Барселона во 1992 година.
Јовановски посочи какви се плановите на натпреварувачки план до почетокот на ПОИ 2024 и што сѐ е потребно за да се биде повторно во врвот на светското стрелаштво.

– Годинава натпреварувачката сезона би требало да ја завршиме со настап на гран-турнирот во Белград, од 9 до 11 декември, а идната година нѐ очекуваат настапи на светски купови во Кореја и во Германија, потоа Европското првенство во Холандија и Светското првенство во Перу. Секако, покрај борбата за освојување титули, настапите на Оливера на овие натпревари ќе бидат во функција на подготовки и темпирање на формата за настап на ПОИ 2024 во Париз. А, за да се постигне што подобра тренажна форма, потребно е да се обезбедат услови за непречен тренинг во Битола, но и во Охрид и во Скопје, оти во Битола нема малокалибарско стрелиште, потоа да се набави доволно количество квалитетна муниција, да се купи ново и да се тестира оружјето, како и да се најде соодветна мотивација за интензивен и макотрпен тренинг за следната сезона. Со сериозна поддршка од државата, пред сѐ преку обезбедување доволно средства за набавка на опрема, муниција, покривање на тренажниот процес и подготовките, како и со подршката од Параолимпискиот комитет на Македонија, и на крајот мојата стручна поддршка во планирањето и спроведувањето на тренажниот процес, како и на натпреварите, убеден сум дека пред Оливера стои светла иднина и уште многу титули, со кои ќе ја афирмира македонската држава во светот, а со тоа и ќе им донесе многу радост на љубителите на спортот – вели Јовановски.
Јовановски е оптимист што се однесува и до ПОИ во Париз.
– Настапот на ПОИ 2024 засега ни е во втор план, бидејќи енергијата за идната година ќе биде насочена кон подобрување на перформансите, стабилизирање на формата и настап на наведените првенства, како и на некој дополнителен турнир. Но тоа не значи дека не се подготвуваме за ПОИ, напротив, сето горе кажано е токму во функција на што е можно подобар настап на ПОИ во Париз. А кога ќе дојде тој ден, ќе бидеме комплетно подготвени Оливера да го даде најдоброто од себе и да се закити со нова титула, нов параолимписки медал. Квалитетот и континуитетот се очигледни, само треба да се обезбедат соодветни услови, средства за спроведување на тренажната програма, учество на натпревари и да се воведат соодветна мотивација и еднократни награди за високи пласмани, кои, пак, ќе ги компензираат сета посветеност, мака и отсуство од семејниот дом, не само нејзини, на нејзиниот тренер, туку и на сите спортисти, тренери и стручни тимови што со своите спортски постигнувања ја афирмираат Македонија во светот – вели Јовановски.


Медалите на Наковска-Бикова

Оливера Наковска-Бикова досега учествувала на пет параолимписки игри (ПОИ) и на сите била во финалето (прва во 2012 година, четврта во 2016-та, петта во 2008-ма, шеста во 2004-та, седма во 2020-та). Во Лондон стана олимписка шампионка и светска и параолимписка рекордерка (резултат постигнат во квалификациите на 10 м воздушен пиштол, со погодени 381 круг), а кога се сменија правилата, па и жените почнаа да имаат по 60 истрели (по ПОИ 2016), на СП 2018 во Јужна Кореја таа го изедначи светскиот рекорд со погодени 570 круга и во тој момент го делеше со натпреварувачки од Ј. Кореја и од Украина. На светските првенства (СП), Наковска-Бикова освои едно злато со воздушен пиштол од 50 м слободен избор годинава, едно сребро во 2006 година во воздушен пиштол од 10 м, три бронзи со воздушен пиштол од 10 м во 2010, 2014 и во 2018 година. Европска шампионка во воздушен пиштол од 10 м беше двапати, во 2001 и во 2022 година, и еднаш освои сребро во спорт пиштол од 25 м, во 2005 година.

ОСВОЕНИ МЕДАЛИ

МЕДАЛ           ЕП         СП        ПОИ
злато             2           1           1
сребро           1           1           –
бронза           –            1           –
ВКУПНО         3            3          1

ЕП – европско првенство, СП – светско првенство, ПОИ – параолимписки игри

[email protected]