Македонскиот устав како бродот на Тезеј

Очигледна е разликата помеѓу граѓанскиот и националниот концепт, но во која категорија може да се вброи нашиот устав?!

Според античката митологија и традиција, Тезеј, херој и основач на градот Атина, заминал на островот Крит, каде што го убил страшниот Минотаур и ги спасил Атињаните од тиранијата на кралот Минос. Тезеј по убиството на Минотаур со својот брод се засолнил на островот Делос, а потоа во Атина бил пречекан како велик херој. Легендата исто така вели дека Атињаните низ вековите го зачувале оригиналниот брод на Тезеј и секоја година со него заминувале на поклонение во Делос, каде што им оддавале почест на атинскиот херој и на богот Аполон. Уште во антиката, старите филозофи го поставиле прашањето дали доколку по неколкувековно одржување секој дел од бродот на Тезеј бил заменет, еден по еден, поради гниење, сѐ уште бил оригиналниот брод. Денес во филозофијата парадоксот за бродот на Тезеј е мисловен експеримент, во смисла доколку на една појава ѝ се заменат сите оригинални компоненти, дали појавата останува иста?
Можеби ќе звучи чудно, но загатката околу бродот на Тезеј може да се примени и за македонскиот устав. На 17 ноември 1991 година, македонското собрание го изгласа првиот македонски уставот и со овој чин беше крунисан вековниот стремеж на македонскиот народ за самостојност и сопствена држава. Доколку внимателно се чита преамбулата од оригиналниот устав, евидентно е дека Македонија се дефинирана како национална држава на македонскиот народ и во духот на македонската слободарска идеолошка традиција им се обезбедува целосна граѓанска рамноправност на Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите.
Во изминативе триесет години, Уставот неколкупати беше дополнуван, со што суштински беа изменети темелите на македонската држава. Една од првите позначајни промени се случи на 16 ноември 2001 година, кога стапи во сила Амандманот 4, во кој се вели „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните што живеат во нејзините граници што се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, со што беше променета преамбулата на Уставот од Република Македонија. Уставот повторно беше променет на 11 јануари 2019 година, кога беа изгласани неколку амандмани и зборот „Македонија“ беше заменет со „Северна Македонија“ или дека Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината. Промените директно и индиректно влијаеја врз суштината на македонската држава.

Експертите честопати велат дека во текот на три децении, македонскиот устав се видоизменил од национален во граѓански. Ајде, за да ни биде појасно, кратко ќе се осврнам на оваа констатација. Доколку сакаме да ја провериме вистинитоста на тврдењето дека денес македонскиот устав е граѓански, тогаш можеме да пријдеме и компаративно кон други (граѓански или национални) устави.
Добар е примерот со Уставот на Соединетите Американски Држави, во чија преамбула се вели „Ние, народот на Соединетите Американски Држави“, без експлицитно да се споменуваат етникуми или народи. За разлика од овој концепт, има национални устави што категорично ја споменуваат нацијата. Такви примери се уставите на Германија или Франција, како и на Србија и Албанија. Во францускиот и германскиот устав се говори за францускиот и германскиот народ, а во уставите на Србија и Албанија уште појасно е дефинирано дека „Република Србија е држава на српскиот народ“ или „Ние, народот на Албанија, горди на нашата историја и со верба во иднината… со вековниот стремеж за албанизам и национален идентитет и единство“. Интересен е и примерот на швајцарскиот устав, држава што важи за мултиетничка. Во овој устав се вели „Ние, швајцарскиот народ и кантоните“ и никаде не се споменуваат етникумите што живеат во оваа држава.
Очигледна е разликата помеѓу граѓанскиот и националниот концепт, но во која категорија може да се вброи нашиот устав. Доколку внимателно се анализира, очигледно е дека сега не е во ниту една категорија. Еве, едноставно! Доколку нашиот устав е граѓански, во него ќе се вели „ние, граѓаните на Македонија“, а ако е национален, ќе можевме да прочитаме само за македонскиот народ. Но во нашиот устав се наброени повеќе народи, а има и најави за можно дополнување на народите што ќе се набројуваат во преамбулата на македонскиот устав. Овој концепт е карактеристичен само за Македонија и нема други примери во Европа и светот каде што на овој начин е составена преамбула на устав.

Очигледно е дека оваа измена во преамбулата на македонскиот устав влијае врз дефинирањето на нацијата што живее во Македонија. Во овој контекст неколкупати досега странските медиуми известуваа за северномакедонци, а идентично изјавуваа и високите претставници на Европската Унија или челниците на моќни европски држави. Некои од домашните аналитичари, по многубројните негодувања поради ваквото именување, објаснија дека кога странците говорат за северномакедонци, всушност тоа се однесувало за сите граѓани на нашата држава (?!). Доколку е тоа така, тогаш националната суштина на македонската држава е видоизменета на штета на Македонците! Спротивно на тоа, сите други што се споменуваат во нашиот устав имаат свои национални држави, што е очигледно во соодветните устави.
Да се навратиме на бродот на Тезеј, во смисла доколку на една појава ѝ се заменат сите оригинални компоненти, дали појавата останува иста? Одговорот е не! По сите измени на македонскиот устав во изминативе триесет години, не можеме да говориме дека денес нашиот устав е истата појава како и во 1991 година. Нашиот устав има премногу недоречености и, ваков каков што е, го доведува во прашање постоењето на македонската нација, која може да се претопи во северномакедонскиот воопштен поим.