Противпожарниот сојуз на Скопје има посетено 2.800 станбени објекти и најдено низа неправилности
Велосипеди, мотоцикли и стар мебел се само дел од работите оставени на хоризонталните коридори во станбените згради. Се остава сè она што не му е потребно на едно домаќинство, без притоа да се води грижа дека со тоа се отежнува евакуацијата на граѓаните во случај на пожар. Хидранти нема или се оштетени, а во новите згради ги има сите елементи само при техничкиот прием на зградата, а потоа за краток период нема ништо.
Ситуацијата е очајна, велат од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје за МИА, додавајќи дека работата е отидена дотаму што не само противпожарните скали, туку и хоризонталните коридори се затрупани со сè и сешто.
– Имаме и случај кога на седми кат има оставено веспи. Сето тоа ја отежнува евакуацијата во случај на незгода без разлика дали е тоа пожар, земјотрес или нешто друго, вели командантот на ТППЕ Скопје, Звонко Томески.Тој апелира што поскоро да се отстранат сите овие недостатоци затоа што, вели, имало и ситуации кога не можеле побрзо да интервенираат бидејќи ги немале сите потребни елементи за една интервенција.
Од Противпожарниот сојуз на Град Скопје во изминатите 15-тина години посетиле околу 2.800 станбени објекти при што констатирале низа неправилности.
Во 98 проценти од случаите нема хидранти или се оштетени, а не работат ниту т.н. панични светла. Противпожарните скали во зградите над 22 метри делумно се во функција, но дел се затворени или узурпирани со покуќнина.
– Во станбените блокови со неколку влеза, на горниот кат има излез од еден во друг влез во случај на пожар. Таквите делови не можеме да ги контролираме – урузпирани се или се затворени. Во Кисела Вода пред десетина години од такви причини имаше четири жртви – вели претседателот на Противпожарниот сојуз на Град Скопје, Петар Плотников, во разговор за МИА.
Извештаите од направениот увид на терен ги доставуваат до Дирекцијата за заштита и спасување, но посочуваат дека мал е бројот на инспектори и има системски проблеми поради кои опасноста од пожари останува.
– Сме се обиделе да ги информираме инспекторите, но и тие се немоќни. Ќе дојде инспекторот во зградата, ќе направи увид и ќе ги констатира неправилностите. Ќе направи записник и ќе наложи да се оспособат хидрантите. Инспекторот има овластување да даде рок до кога треба да се поправат недостатоците и ако не се запази рокот да биде изречена парична казна. Но, и да изрече парична казна, состојбата на терен повторно останува иста. Додека нема правно решение и институција која ќе го реши ова, останува опасноста од пожари – појаснува Никола Бојковски, почесен претседател на Противпожарниот сојуз.
Од Противпожарниот сојуз велат дека тешко се менуваат работите, но тие се ентузијасти и се надеваат дека со ваквите активности нешто ќе сменат.
– Нашата активност е превентивно-едукативна. Ефектот на нашата работа не може да се мери. Ние не можеме да знаеме колку пожари сме спречиле, но велиме дека дури и ако сме спречиле еден пожар, сме спасиле нечиј живот, вели Бојковски.
Сепак, нагласуваат од Противпожарниот сојуз, има и ретки, но позитивни случаи во кои, на пример, претседателот на куќен совет спроведува вежба за станарите во случај на природна непогода. Има и случаи во кои управители на куќен совет за да ја заштитат опремата, ја складираат во подрумските простории. Ова, според Противпожарниот сојуз, не е неисправно бидејќи во случај на пожар нема време некој да се симнува во овие простории, но велат, луѓето бараат начин да ја заштитат опремата.
Нема интерес од заедниците на станари и управителите за мерките за заштита од пожари
И од Противпожарниот сојуз и од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје информираа дека неодамна по иницијатива на градоначалничката на Скопје била организирана работилница со цел на заедницата на станари и на управителите да им се укаже за мерките за заштита од пожари, но интересот бил многу мал.
– За жал, одѕивот не беше многу голем, но со управителите кои присуствуваа имавме дискусија и им беа укажани сите недостатоци кои ги воочуваме при нашите интервенции кои ни ја отежнуваат работата. Апелираме сите да ги преземат своите надлежности околу управувањето со влезовите – вели командантот на ТППЕ Томески.