Челниците на Социјалдемократскиот сојуз, рангирајќи личности од минатото, збор не проговорија за оние од сегашноста. Пропуштија да му оддадат признание, да го закитат со пофалби својот коалициски партнер, лидерот на ВМРО-народна партија. Љупчо Георгиевски е феноменот што ја отсликува превртливата македонска политика и најјасно ги оцртува линиите на бласфемијата во Социјалдемократскиот сојуз. Полека, тактички се вдоми во неговите редови, обезбеди трајна заштита од секаков вид. Георгиевски стана главната идеолошка и програмска икона пред која се крсти партијата. Околу идеите и идеалите на овој познат бипатрид, половина Бугарин, половина Македонец, новите водечки кадри на СДСМ се лепат како мушички на светло, летаат низ просторот и времето како муви без глави. Во тој лет уживаат во друштво на каузата на ДУИ, нивниот верен коалиционер
Необично рангирање на лидерите на партиите
Сега започнатата партиска кампања на Социјалдемократскиот сојуз се препознава по очигледната намера да се убеди дел од македонската јавност од нужноста да се смени Уставот и во него да се впишат Бугарите во преамбулата рамноправно со Македонците и со другите народи. Обилно користејќи ја европската маска и извртувајќи ги тезите дека оној што не е за промена за Уставот е и против Европа, партиските активисти сеат магла за да се покрие очигледната намера. Сликовито објаснето, таа засилена активност се користи за да се убедат Македонците (само Македонците во Македонија) да бидат обезоружени, безволни, тивки и со наведната глава пред најавената бугарска офанзива на македонските уставно-политички полигони. Шоу-настапите на дел од раководството низ градовите и селата си имаат примеси и на предизборни активности, што не е лошо ако се има таква блиска намера. Не е ни прерано, треба да се биде на штрек, за секој случај.
Од Киро Глигоров, преку Бранко Црвенковски, до Зоран Заев
Актуелната водечка група на СДСМ во студените сали, со пламени говори пред своите членови и симпатизери, инсистира на континуитет од 31 година, што е некаква новина. Но како недоследност или пресвртница во одредувањето на историските термини во однос на националниот континуитет, може да се означи зачестената појава што се забораваат или намерно се испуштаат претходните периоди, вклучувајќи ја и Народноослободителната борба, крунисана со вториот Илинден, со АСНОМ, во 1944 година!
Излегува дека државата изникнала од денот кога се родил СДСМ, дека пред тоа Македонија неродена лебдела во воздухот.
Дополнително, за жал и за несреќа челниците на партијата, континуитетот од независноста наваму го врзуваат со личности и лидери, наместо со признание кон своето верно членство и илјадниците симпатизери. Тие фактори ја одржуваат партијата во живот дури и тогаш кога нејзините лидери прават непростливи грешки, грешки штетни и по партијата и по државата. А и во тој распоред на „заслужни“ се измешани лончињата, вријат внатре некритичности, нелогичности, небулози.
Пред десетина дена, во Струмица, егзалтираниот партиски лидер Димитар Ковачевски успехот на државата во минатите 31 година им го припиша на Киро Глигоров, на Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска, Владо Бучковски и Зоран Заев. За Киро Глигоров е истакната неговата мудрост, со која стекнавме независност по мирен пат и во едно турбулентно време, кога само Македонија беше „оаза на мирот“ на Балканот. Континуитетот на Бранко Црвенковски е обележан само преку обезбедување на трансформацијата на општеството. Преку континуитет на Радмила Шекеринска и Владо Бучковски државата доби кандидатски статус за членство во ЕУ. На крајот е истакнато великото дело на Зоран Заев за храбрите одлуки со кои „станавме членка на НАТО, решивме децениски спорови и изградивме едно општество за сите кое чекори напред“.
Гореспоменатите се личностите и делата што ги истакна Ковачевски и за кои додаде дека застанале на вистинската страна од историјата и дека секој социјалдемократ може да биде горд и да излезе на улица и на сите да им каже дека му припаѓа на СДСМ и со крената глава да оди гордо напред. Се подразбира дека нив ги посочи и како примери што треба да бидат следени од младите социјалдемократи и социјалдемократското членство, па и од пошироките народни маси.
Глигоров никогаш не ќе потпишеше „ерга омнес“
Што би покажала една експресна, послободна, пообјективна и политичко-партиски необврзувачка анализа за местото, улогата и вреднувањето на највисокорангираните личности во номенклатурата на партијата и државата?
Не би можел да тврдам што би направил по вакво признание Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија. Но би се заколнал дека на сите овие што го водат СДСМ во последнава деценија би им дал совет да ја напуштат политиката. И би ги замолил да не го злоупотребуваат неговото име за остварување на нивните намери, кои никако не беа блиски до него. Категорично тврдам дека Глигоров никогаш и под никакви околности не би се согласил Република Македонија да го смени името под условот „ерга омнес“. И да го бесеа, не ќе можеа да го натераат од националните институции да бидат бришени атрибутите што го означуваат националниот идентитет на Македонците.
Што се однесува до Бугарите, ќе бегаше како од оган, затоа што на свои плеќи го имаше искусено бугарското искуство. Ни под меч, ни под закана од пиштол, за ниедни пари, не ќе потпишеше договор за пријателство со такви формулации, ни пред бесилка не ќе се согласеше со протокол каков што потпиша Бујар Османи, а го поддржаа СДСМ и сите други високи владејачки фигури. Глигоров не беше антиевропски ориентиран, но далечната европска иднина ја гледаше само низ призмата на интересите на Македонците, на нивната национална свест, самобитност, јазик и писмо. Глигоров го озборуваа за превртливост во односите со луѓето, со соработниците и со кадрите, но македонистичките државнички принципи му беа цврсти, стабилни и непоколебливи. Срамно е да се рангира Глигоров со Црвенковски, како што е срамно Црвенковски да биде вреднуван еднакво како Шекеринска, Бучковски и Заев. Да може некој да гледа, сигурно би видел како првиот претседател се превртува во гробот.
Сведување на Македонија на уставно дискутабилна конституција и спорна
територија, а националноста на македонскиот народ – до сомнеж, до раб на опстанок…
Дали може логички да се објасни и понижувачкото вреднување на Црвенковски само со реченицата за обезбедување услови за трансформацијата на општеството, иако тој процес него го одбележи во поцрна боја. Но, исто како и Глигоров, Црвенковски никогаш не би се согласил со она што го направи неговиот наследник Заев и со она што го прави наследникот на Заев. Како што е познато, по интервјуто на Заев за БГНЕС го замрзна своето членство во партијата, во знак на протест и несогласување. Низ неколку настапи јавно го критикуваше договорот со Бугарија, за што, пак, партијата преку своите труби грубо го критикуваше него. Дури и самиот Заев, наместо да искаже почит и благодарност, во неколку наврати си подигра подбишега. Никој не може да потврди дали Бранко се кае, дали му е во завој раката со која ја потпиша аболицијата на Заев. Прашање е како се чувствува кога гледа денес како во партијата на која е основач се уриваат како кула од карти неговите почетни, младешки идеали. И кој дојде по него, која црна рака завладеа со партијата и со Македонија?
Најтипичен е примерот со Зоран Заев. Вистина, во негово време Северна Република Македонија е примена во НАТО како визија за иднината, што е и негова заслуга, како што е негова заслугата што ја врати својата држава сто години назад. Од стабилна, меѓународно објективизирана држава, преку потпишаните договори со Грција и со Бугарија, Заев ја сведе Македонија на уставно дискутабилна конституција и спорна територија, а националноста на македонскиот народ ја доведе во сомнеж, до раб на опстанок. Прашање е дали ќе остане запаметен како НАТО-херој или како национален предавник по промената на името на државата, по бришењето на атрибутите на националните институции и по изразито стеснетиот политички, социјален, кадровски и материјален простор на Македонците во сопствената држава.
Ставањето на исто рамниште на Киро Глигоров и Зоран Заев не е навреда само за Глигоров, тоа изедначување е навреда за поголем дел на македонските граѓани и манипулирање со фактите.
А каде се заслугите на Љупчо Георгиевски?
Челниците на Социјалдемократскиот сојуз, рангирајќи личности од минатото, збор не проговорија за оние од сегашноста. Пропуштија да му оддадат признание, да го закитат со пофалби својот коалициски партнер, лидерот на ВМРО-народна партија. Љупчо Георгиевски е феноменот што ја отсликува превртливата македонска политика и најјасно ги оцртува линиите на бласфемијата во Социјалдемократскиот сојуз. Полека, тактички се вдоми во неговите редови, обезбеди трајна заштита од секаков вид. Георгиевски стана главната идеолошка и програмска икона пред која се крсти партијата. Околу идеите и идеалите на овој познат бипатрид, половина Бугарин, половина Македонец, новите водечки кадри на СДСМ се лепат како мушички на светло, летаат низ просторот и времето како муви без глави. Во тој лет уживаат во друштво на каузата на ДУИ, нивниот верен коалиционер.
Сето она што Георгиевски го говореше, пропагираше, пишуваше, наметнуваше во времето на формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, потоа стана програмска определба на Социјалдемократскиот сојуз. Сета програма наметната од антимакедонски центри за која Љупчо се залагаше, Заев ја спроведе во дело, а тоа дело го продолжуваат и неговите наследници. Љупчо, како и бугарската официјална политика, е застапник на заедничката историја, не ја признава самобитноста на македонскиот народ, сите преродбеници ги смета за Бугари, нивните дела за бугарски. Ако ВМРО на Георгиевски беше инспираторот, СДСМ е реализаторот. Георгиевски немал подобар ученик од Заев.
Не може да се оспори фактот дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија опфаќа по волумен голем дел од печатот на напредокот на државата од осамостојувањето до денес и на нејзината проевропска идеја. Не може да не се согласиме дека СДСМ е клучен дел од континуитетот на државничките одлуки во исполнување на македонските национални стратегиски цели, кои се поставени уште од независноста, пред 31 година. Китењето со тие перја не е вештачки и незаслужено, но само ако на тие уверувања се гледа генерално, со слепа симпатија и со едно замижано око