Фото: Игор Бансколиев

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи се загрижени за експлозијата во Полска, во која загинаа две лица. Тие во објави на Твитер изразија и сочувство до семејствата на жртвите.

„Ова е време да бидеме уште порешителни во нашата основна задача – да ја одржуваме територијата на НАТО безбедна. Работиме заедно со сојузниците за да се соберат сите факти за овој трагичен настан“, напиша Ковачевски на Твитер доцна синоќа.

Русија негира, НАТО истражува од каде е предизвикана експлозијата во Полска.

Министерот за надворешни работи вели дека се консултираат со другите членки на НАТО и внимателно ја следат ситуацијата во Полска.

„Загрижени сме од неодамнешните ракетни напади кои преминаа на територијата Полска. Целосна поддршка и солидарност со нашиот близок партнер Полска и сочувство до семејствата на жртвите“, напиша Османи на Твитер.

Две лица загинаа во експлозија во Пржеводов, село во источна Полска во близина на границата со Украина.