Проектот „Чиста вода, чиста средина“ во работниот дел ја оствари својата цел, но и онаа најважната, меѓусебно запознавање и дружење на учениците од пет земји (Македонија, Португалија, Романија, Полска и Турција) и можност да ги презентираат својот фолклор и култура и да разменат мислење и искуства што ќе им отворат нови хоризонти за да откриваат многу нови знаења
Еразмус-партнерства
Проектот „Чиста вода, чиста средина“ повторно ги обедини учениците од основното училиште „Гоце Делчев“ од Кавадарци со партнерските училишта од Португалија, Романија, Полска и од Турција. Станува збор за едно од многубројните Еразмус-партнерства во кое учествува оваа кавадаречко училиште и се потврдува како добар домаќин. Во случајов, проектот за водите е координиран од училиштето партнер од Португалија.
Целта на проектот е да се издигне свеста за важноста на водата, да се препознаат главните проблеми што водат до нејзин недостиг и да се најде начин како тие да се санираат и ублажат. Проектот треба да овозможи зајакнување на ангажманот на учениците во проблемите на заедницата поврзани со екологијата и зголемување на улогата на училиштето во локалната заедница со иницирање кампањи со кои ќе се издигне свеста за значењето на водата кај локалното население. Пред сѐ тоа ќе се стори преку размена на добри практики што се покажале како успешни во земјите на партнерските училишта што се дел од проектот „Чиста вода, чиста средина“.
– За време на работните средби, учениците од Португалија, Романија, Полска, Турција и од Македонија дискутираа за употребата на водата во нивните региони, како и за проблемите со кои секоја земја се соочува за зачувување на водните ресурси и одржувањето на квалитетот на водата за пиење, нудејќи свои совети за штедење на водата. Значајно е да се спомене дека учениците ја посетија хидроцентралата „Тиквеш“, со цел да се запознаат со нејзината работа, потоа го посетија градот Охрид, кој е под закана да го изгуби статусот на заштита од УНЕСКО, поради нелегалните дивоградби и зголеменото загадување. И за овие проблеми учениците се обидоа да предложат можни решенија за заштита на прекрасното Охридско Езеро, креираа мапи каде што има проблеми со вода во нивните региони и правеа реклами како да се издигне свеста кај луѓето да не ги загадуваат водите, со потенцирање на важноста на чистата вода за пиење врз здравјето и нормалниот правилен развој на човечкиот организам – вели координаторката на проектот Милка Мркева, наставничка по англиски јазик во ОУ „Гоце делчев“ во Кавадарци.
Таа дополни дека учениците од ОУ „Гоце Делчев“ од Кавадарци како добри домаќини им овозможиле на своите гости да ја посетат фабриката „Кожувчанка“ и да се запознаат со процесот на производство и дистрибуција на амбалажираната вода.
– За последниот ден од нивната дружба беше организирана прошетка до кањонот Матка со посета на живописната пештера, од која произлегоа интересни дискусии за проблемите што тие ги лоцираат на самото место – вели Милка Мркева.
Проектот „Чиста вода, чиста средина“ во работниот дел ја оствари својата цел, но и она најважната, меѓусебно запознавање и дружење на учениците од овие пет земји. Тие имаа можноста да ги презентираат својот фолклор и култура и да разменат мислење и искуства што ќе им отворат нови хоризонти за да откриваат многу нови знаења. Стекнатите нови знаења можат само да им овозможат да израснат во одговорни зрели граѓани на кои грижата за водите ќе им биде дел од нивната култура на живеење.