Фото: Игор Бансколиев

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРКИ

На 15. Европско првенство (ЕП) за ракометарки, кое се игра во Словенија, Македонија и во Црна Гора и кое влезе во втората фаза по групи, репрезентацијата на Норвешка го доби скандинавското дерби со Шведска со 27-25 и со перфектен ефект од четири победи е на чекор до пласман во ново полуфинале. Во трка за пласман меѓу четирите најдобри од таа група во Љубљана се и Словенија, Данска и Шведска.
Во главната група два, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, засега олимпискиот првак и актуелен европски вицешампион Франција и пријатното изненадување Црна Гора се најблиску до полуфиналето, иако има уште да се игра и се чини дека ќе биде многу понеизвесно отколку во групата во Словенија. Репрезентацијата на Германија по малку неочекувано го направи првото изненадување откако убедливо ја совлада селекцијата што е во налет, Холандија, со 36-28, иако по првиот дел губеше со четири гола разлика. По првото коло од главната група во Скопје, Германија сега има два бода и си создаде шанси за полуфинален настап, а Холандија остана на двата бода, оние што ги пренесе од првата групна фаза.
Најефикасна на ЕП и понатаму останува Германката Алина Ријселс со 29 гола од 41 шут (70,7 отсто) на четири меча, најдобра голманка е Хрватката Теа Пијевиќ со 45 одбрани од 123 удари (36,59) на пет средби, а најмногу играла ракометарката на Данска, Ема Фрис, четири часа и 17 минути на пет средби. Г.И.