Може Германци, Французи, Чеси, Полјаци, Унгарци, Шпанци и Италијанци да ја критикуваат ЕУ, да ги „офираат“ нејзините водачи, но не смее да го прави тоа некој во Македонија. Овде важи правилото: тој што ќе цитира нешто лошо за ЕУ, тој е против напорите на Македонија да влезе во ЕУ. Трај и молчи, тоа е стратегијата со која треба да се стигне до најдемократскиот сојуз на западноевропските држави
Ауу! Голема и важна вест. Европската Унија ќе ѝ даде на Северна Македонија финансиска поддршка за справување со енергетската криза. Првата транша е во износ од 80 милиони евра што ќе биде искористенa за буџетска поддршка во државата до крајот на годината, соопшти претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, нa заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лejен. Во исто време беше објавено дека ЕУ планира да ѝ дава на Украина годишно по 18 милијарди евра. Украина, за несреќа, е во војна со Русија, Македонија, за среќа, не е во војна со никого, освен со самата себе. Овие факти не нудат никаква споредба, но доволно говорат сами за себе, за секој што разбира што се случува со светот.
Не сум некој самоповикан и самопрогласен аналитичар и експерт по меѓународна политика, ниту пак по ЕУ-прашања и проблеми. Но ме фати грижа за нашата драга пријателка Урсула фон дер Лејен, која не спие мирно, иако би требало да се очекува да има убави соништа. Спие во луксуз и свила, но не ја фаќа сон за европската судбина на Северна Македонија и на северномакедонците што живеат во тој темен неевропски вилает. Тоа не го тврдам јас, тоа сликовито го кажуваат нашите политичари, нејзини соговорници, како што се Ковачевски, Маричиќ и Бујар Османи. Само на претседателот Пендаровски ретко му се слуша гласот.
Европската Унија, трамвајот наречен желба, која нам и на други земји ни ја крои капата, бара од своите членки да преземаат опсежни мерки за штедење за да ги надминат економската, финансиската и енергетската криза предизвикани од инвазијата на Русија врз Украина. Како што е познато, сите влади во своите земји заведоа строги мерки за штедење на струјата, гасот, нафтата и на храната, продукти чии цени скокнаа до непредвидливи граници. Во тие рамки е повикот да се внимава и со зголемувањето на платите и пензиите при донесувањето на буџетите. Препораките не се упатени само до земјите-членки туку и до оние држави нечленки што сакаат да станат тоа, како што е Македонија, на пример.
Поради тие причини, во некои од тие фалени западни земји се случуваат негодувања, протести и штрајкови, манифестации преку кои граѓаните се бунат и го изразуваат своето незадоволство, како поради високите цени така и поради забележливиот пад на нивниот стандард. Сведоци сме на слики каде што илјадници Французи или Германци маршираат по улиците барајќи ефикасни мерки од властите да се спречи натамошниот пад што сѐ повоочливо се заканува. Иако нивниот стандард во однос на македонскиот е вистински луксуз, од такви пројави нашата власт е поштедена. Навикнати се македонските граѓани на сиромаштија како што не се навикнати на лажна демократија.
Настанатата европска криза, меѓутоа, не ја чувствуваат еднакво сите држави и сите државници во Унијата. Најмалку ја чувствуваат големата бриселска администрација и нејзиното раководство, формалното тело што насекаде соли памет и носи одлуки за кои не би помислил ни пијан човек. А такви на чело на ЕУ имало, си се знаат тие меѓу себе. За нив тие препораки не важат. Додека на оние од малите земји кандидати им држат лекции по морал, ЕУ-комесарите се однесуваат по попската филозофија „слушај што зборувам, не гледај што правам. Тие секоја година си ги зголемуваат платите, во согласност со растот на инфлацијата и врз основа на други параметри, без да водат сметка каква е ситуацијата во нивната сопствена земја чии се претставници.
Европските медиуми објавија дека таков е планот и за годинава, цитирајќи интерни извештаи на ЕУ-планерите за пари. Веста е кратка: речиси 50 илјади шефа и чиновници во Унијата ќе добијат зголемување од 6, 9 отсто на своите примања. Ретроактивно од 1 јули 2022 година. Според тие пресметки, платата на комесарите ќе се движи околу 25-26 илјади евра, а на европарламентраците близу 10 илјади евра месечно. Се разбира, плус додатоци за разни намени, за хотел, за превоз, за репрезентација, исто како што примаат и нашите собраниски пратеници, прославени преку колешката Силвана Бонева, која, наводно, во еден ден и по трипати ги минувала наплатните рампи на релацијата Струмица – Скопје и обратно. Такви пратеници има и сега, но рампите на патиштата што никнуваат како печурки по дожд молчат, плашејќи се да не излезе нов скандал со некој нов Бонев или Бонева. Сѐ е исто, само рампи има повеќе.
Да го земеме за пример Унгарецот Оливер Вархеи. Овој комесар за проширување, наш честен гостин, пријател, советник, наредбодавец, камшикар и инквизитор, поради тоа што се мачи за состојбите со Северна Република Македонија месечно заработува околу 26 илјади евра, плус патни трошоци и дневници. Една ЕУ-дневница е рамна на една македонска просечна месечна плата, можеби некое евро повеќе. Значи она што Македонецот го зема за цел месец, Вархеи го става во џеб за еден ден. Слично, ама парично подобро е рангиран Јоханес Хан, сегашниот комесар за финансии, поранешен задолжен за проширување. Овој молчелив Австриец, откако ги скрои Пржино 1 и 2 и ја урна владата на Груевски, доби уште едно наредување, ја налегна капата, се ожени и, нормално, ја заборави Македонија. Со помош и на неговото кумство таа поранешна југословенска држава стана политички и географски поим со име Северна Република.
Нормално дека прва на списокот е новопроизведената Македонка со име Урсула фон дер Лејен. Да нема забуна. Таа не е новата Лидија, првопокрстената жена на територијата на географска Македонија што доаѓа од Истокот, туку кандидатка за светителка во Северна што доаѓа од Западот.
Кога државата веќе нема татко, таа е беатифицираната мајка на северномакедонците, како што милува да ги нарекува своите новородени чеда. За секирациите, за несониците, за стресовите што ги има со Македонија, меѓу другите проблеми, нејзиното салдо секој месец е побогато со близу 30 илјади евра. За проблемите во толку мала Македонија, нормално е да се зема толку голема плата, плус додатоци и додатоци на тие додатоци.
Ај да е само Македонија проблем, не е голема мака. Не може да не се верува дека се препотува во сонот кога ќе се сети дека европската јавна тужителка Лаура Ковеши (нешто како вешто елиминираните Катица Јанева и Вилма Русковска) најавила дека е поведена истрага во врска со набавка на вакцини за време на корона-пандемијата. Сторијата, во светот позната како „Дилитгејт“, почна со објавен текст во „Њујорк тајмс“ во април 2021, во кој е откриено дека госпоѓата Лејен разменувала пораки со шефицата на компанијата „Фајзер“, Алберта Бурла, за набавки во вредност од неколку милијарди, при што се споменува некакво, наводно, учество и на нејзиниот сопруг.
Иако пораките не се најдени, иако не мора ништо да е вистина, сигурно немало ништо незаконско, но прашање е колку имало морално однесување за кое и морално се поднесуваат последици. Иако политичкиот морал во Унијата е заборавена категорија. Слична ЕУ-копија видовме со вакцините во Македонија, една од најголемите финансиски мистерии, кои, најверојатно, никогаш нема да бидат откриени, иако ги знаат оние што дрско и безобразно заработија милиони на човечка мака. Знаат и тие што го дозволија тоа полнејќи ги своите џебови, а денес се сликаат насмеани како невини девојки, политички манекени на квадрицикли.
Не е сѐ толку бело, фино, лесно, лакирано, фантастично, место кај што нема грижи, нема болки и нема сиромаштија, каква што ни ја претставуваат Европската Унија нашите македонски властодршци и нивните медиумски труби. Врие и во самата Унија, но дури и пренесувањето вести за тој вриеж, кај нас, во нашата држава се смета за ерес, за став против ЕУ. Може Германци, Французи, Чеси, Полјаци, Унгарци, Шпанци и Италијанци да ја критикуваат ЕУ, да ги „офираат“ нејзините водачи, но не смее да го прави тоа некој во Македонија. Овде важи правилото: тој што ќе цитира нешто лошо за ЕУ, тој е против напорите на Македонија да влезе во ЕУ. Трај и молчи, тоа е стратегијата со која треба да се стигне до најдемократскиот сојуз на западноевропските држави. Никако не смее да се афирмира раширениот став меѓу самите членки дека ЕУ е во морален банкрот. Сега ја спасуваат само милијардите што ги дава за Украина и што фрла понекоја трошка за периферијата каква што е Северна Македонија распослана на Југот.