По изборот на Ислам Абази за шеф на Обвинителството за огранизиран криминал и корпуција, за кој јавноста реагираше дека е непознат и дека е близок со ДУИ, претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски во ТОП Тема на ТВ Телма изјави треба да му се даде простор на Абази да се докаже, особено затоа што неговите резултати како раководител на гостиварското обвинителство се неспорни.
– Нашата фела е мала, и иако сите се изолирани едни од други, во смислам дека секој работи во својот регион, сепак многумина се познаваат. Во моментов сме 163 од потребните 244 обвинители. Никогаш не сме дошле до таа бројка 244, да речеме дека таа бројка е оптимална или треба повеќе. Во моментов три обвинителства немаат ниту еден обвинител. Во случајот треба да му се даде простор на Абази, да се докаже како што се докажа во гостиварското обвинителство. Овој обвинител таму ќе треба да менаџира како што менаџираше со гостиварското обвинителство и од неажурно да го направи ажурно, во кое ќе постапуваат обвинителите, нормално со негово учество. Затоа велам дека треба да му се даде простор, да видиме како ќе се покаже, бидејќи во гостиварското обвинителство имаше илјадници предмети, па дојдоа до ситуација да го исчистат остатокот во неговиот период од 4 години – вели Јолевски за ТОП Тема.