Постои можност „Србија да даде знак“ за прием на Косово во Обединетите нации според поранешниот „модел на две Германии“, со што би се избегнало признавањето на независноста на Косово
Се подготвува ли решение за независност на Косово прифатливо за сите засегнати страни?
Во неколку јавни настапи на српскиот претседател Александар Вучиќ, најчесто на телевизии со национална фреквенција, тој отворено навести дека „земјата треба да се подготви за големи земјотреси и дека ја чекаат големи дилеми и одлуки“! Многумина аналитичари тој став веднаш го поврзаа со статусот на Косово. Некои од политичките аналитичари отидоа дотаму што во јавноста изјавија дека „некаде во тајност е склучен договор за признавање на независноста на Косово“…
Етикети за новата српска влада
Зборувајќи за Ал џезира Балканс, политичкиот аналитичар Душан Јањиќ истакна дека „Вучиќ создаде преодна влада“, со која се обидува да го промени правецот во кој се движи Србија, од Русија и Кина кон Европската Унија.
– Вучиќ се обидува да го сврти тој брод, кој го управуваше наводно неутрално, наводно воено неутрално и суштински проруски и антизападно, но бурата е голема и бродот е полн со дупки, така што тој маневар мора да го прави очигледно и постепено, па токму затоа му се овозможи да ја има оваа преодна влада – рече Јањиќ.
Директорот на Центарот за регионализам, Александар Попов, пак, смета дека ситуацијата воопшто не е толку еднострана и дека потезите што ги „повлекува Вучиќ“ се доста мистериозни.
Според Попов, точно е дека во Владата ги нема повеќе најистакнатите проруски настроени министри, но сепак има значителен број луѓе што ги застапуваат руските интереси, пред сѐ министрите што доаѓаат од Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Дачиќ.
– Всушност, кога беше предложена и избрана новата влада, се виде дека најпрвин беа избркани оние што беа најекспонирани, од една страна на сметка на Русија, а од друга на сметка на Западот. Тука пред сѐ мислам на Александар Вулин и Зорана Михајловиќ, па од таа страна излезе дека оваа влада е неутрална. Но не е сосема точно дека проруските луѓе биле протерани. Го нема повеќе Ненад Поповиќ, но затоа СПС е во Владата со три министерски места, а тие се вбројуваат како проруски луѓе. Но тоа не мора да значи ништо, бидејќи надворешната политика и сите други политики, а особено надворешната политика, ги води самиот Александар Вучиќ – вели Попов.
Претседателот ќе го има последниот збор?
За она што ќе се случува понатаму, според Попов, особено кога станува збор за водење на надворешната политика и признавање на статусот на Косово како независна држава, и понатаму најмногу ќе се прашува Александар Вучиќ, Но Попов појаснува дека сепак „нема сѐ да зависи од него“.
Она што е голем проблем за актуелната српска политика е фактот што во последната деценија од нејзиното дејствување се негуваше наратив што ја промовираше исклучиво идејата за непризнавање на Косово како независна држава. Актуелниот спор за регистарските таблички, како што појаснува Попов, е всушност техничко прашање, а тој не е ни сигурен дека ќе биде прифатено новото „решение“ за непризнавање на Косово и негов прием во Обединетите нации.
– Десет години имаше наратив дека не станува збор за признавање на Косово, па дури ниту за правење какви било отстапки, но во текот на преговорите беа направени голем број отстапки, а сега имаме спор за нешто што е техничко, но и симболично прашање – прашањето за табличките што се симбол на државата. Во весник ја видов изјавата на Ивица Дачиќ дека не станува збор за признавање на независноста на Косово. Тој дури пресмета дека од 190 членки на ОН, само 83 би биле за прием на Косово во ОН – вели Попов.
Косово може да влезе во Обединетите нации, како што додава тој, според „моделот на две Германии“, само доколку Србија даде тајна согласност за такво решение и го деблокира процесот во Советот за безбедност на ОН.
– Тоа е другата варијанта на примена на моделот на две Германии, кој во моментов е во игра, што значи дека нема да има признавање на Косово, но Србија не би се противела за прием во ОН. Сега го имаме тој камен на сопнување, бидејќи не е мал бројот на членки што не се за тоа и го имаме правилото дека мора да помине низ Советот за безбедност, а таму двајца ќе гласаат против – Кина и Русија. Освен ако Србија не даде знак дека нема да се спротивстави, а во тој случај може да се случи Косово да влезе во ОН од задната врата – објаснува Попов.
Има водење „јавни политики“ и „тајни политики“ и скриени агенди
Попов вели дека, и ако се одвиваат некои процеси што водат во насока на српското признавање на независноста на Косово, тоа се прави длабоко зад „грбот на јавноста“. Тој е убеден дека постои голема неусогласеност меѓу она што го кажуваат политичарите во јавноста и она што се случува „зад завесата“.
Посебен проблем во тој процес секако е начинот на кој ќе се позиционира членството на Српската напредна партија (СНС) и другите тврди националистички групи во српското општество и српската политика во однос на евентуалното признавање на независноста на Косово.
– Проблемот овде е што повеќето работи се случуваат зад завесата. Она што го гледаме во изјавите на политичарите е едно, а она што се случува зад завесата е друго. Секако дека има голем притисок од САД и ЕУ, а нашата јавност не е подготвена за тоа, бидејќи Вучиќ постојано вели: „Нема да ја признаеме независноста на Косово“. Секако дека ќе треба да направиме некои отстапки. Ќе продолжат со приказната дека „не ја признавме независноста на Косово, но не успеавме да го спречиме неговото влегување во ОН“, а колку тоа ќе биде прифатливо за членовите на СНС и другите националисти – ќе видиме. Но тоа може да биде проблем, бидејќи таквата атмосфера се создаваше веќе десет години – заклучува Попов.