Изјавите на поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас и актуелниот министер за надворешни работи и премиер на Грција, Алексис Ципрас, минатата сабота, за проширувањето на грчките територијални води предизвикаа нова тензија во односите меѓу Атина и Анкара.
– Не можеме да толерираме никаков чекор што не е заснован на заемна согласност во Егејско Море, во кое двете земји имаат брегови на спротивните страни. Декларацијата на Големото национално собрание на Турција, од 8 јуни 1995 година, содржи неопходно политичко предупредување и денес сѐ уште е во сила. Нашите ставови и предупредувања исто така беа пренесени и до амбасадорот на Грција во Анкара – изјави Хами Аксој, портпаролот на турското министерство за надворешни работи.
Портпаролот на грчкото МНР, Александрос Гениматас, вели дека во согласност со меѓународното право, Грција има право да ги прошири територијалните води, а „своеволни толкувања на меѓународното право и закани за насилство од страна на Турција, како и оспорување на легитимните права на Грција, не придонесуваат за добрососедските односи“.
– Проширувањето на територијалните води е законско и неотуѓиво суверено право на Грција, во согласност со меѓународното право. Конкретната одлука за проширување ја има исклучиво Грција, која има право да ги прошири своите територијални води како и кога самата ќе процени. Ова право важи без исклучоци и не се доведува во прашање ниту се преговара за него со трети страни. Ова, секако, се однесува на целата територија – истакна Гениматас.