Спасувачки екипи се мобилизираат во Северните Маријански Острови каде што супертајфун ја погоди областа и предизвика прекин на снабдувањето со електрична енергија и значајно ја оштетети инфраструктурата.

Ветерот со брзина 270 километри на час откорна дрвја, бандери и уништи покриви на зградите, поминувајќи низ група од 15 острови, кои се оддалечени 9.000 километри западно од американското копно.

– Многу куќи се уништени, инфраструктурата е оштетена, а ние моментно немаме електрична енергија или вода за пиење, додека во нашите пристаништа не може да се пристига – изјави Патрик Џои Сан Никола, претставник на властите на островот Тиниан.

Во моментов нема извештаи за жртви. Во видео објавено на Фејсбук, Сан Никола рече дека околу 30 лица се спасени, а се очекува спасувачите да стигнат во текот на денот. Системот за снабдување со енергија целосно е уништен, а побарана е помош, односно снабдување со вода и храна, што може да се испорача само преку воздух, бидејќи аеродромот не оштетен, рече тој.

Јуту е втор по големина тајфун по Мангкута кој во септември донесе силни ветрови и поројни дождови кои предизвикаа штета во Хонгконг и Макао и кој предизвика лизгање на земјиштето во кое загинаа десетици луѓе на Филипините. Јуту полека се движи кон северниот дел на Филипините и Тајван, но со намален интензитет.

Видеата и фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат скршени прозорци, остатоци од патишта и оштетени автомобили, од кои некои се превртени.

Северномаријанскиот пратеник на американскиот Конгрес, Грегорио Килили Камачо Саблан на Твитер напиша дека властите работат на отворање на нови засолништа, бидејќи постоечките се веќе полни или оштетени.