ПО ПОВОД 50 ГОДИНИ ОД ШАХОВСКАТА ОЛИМПИЈАДА ВО СКОПЈЕ

Здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“, во соработка со Спортската федерација на слепи и слабовидни лица, а по повод 50 години од Шаховската олимпијада во Скопје во 1972 година, организира Прво шаховско првенство на Скопје за ветерани (7-11 октомври), во седум кола по швајцарски систем, во просториите на Сојузот на слепи и слабовидни лица.
Право на учество имаат шаховските ветерани со наполнети 60 години. Поради ограничените просторни можности, бројот на учесници е лимитиран на 20 шахисти од пријавените, при што селекцијата ќе ја спроведе комисија од организаторот. Федерацијата на слепи и слабовидни лица има право да делегира тројца свои шахисти.
Наградниот фонд изнесува 31.000 денари, поделен на пет награди, а победникот ќе добие 10.000 денари. Високостручна комисија ќе објави најкреативна партија за награда што ќе изнесува 2.000 денари. Се предвидува и награда за најдобро пласиран ненаграден ветеран до 65 години, исто така во износ од 2.000 денари. Секој играч може да побара слободно коло еднаш во првите пет, при што добива половина поен. За првопласираните тројца шахисти се предвидени и плакети: златна, сребрена и бронзена, а сите учесници ќе добијат дипломи. Директор на турнирот е Александар Сидоровски, а главен судија Иван Кочовски. Г.И.