Производството на пиво и на месо ќе биде најпогодено, бидејќи фабриките за ѓубрива се затворени поради зголемените цени на енергијата, предупредуваат Греам Ленктри, Себастијан Вејл, Бартош Бжезински и Габриела Галиндо од „Политико“

Можен недостиг од пиво и прекумерно количество свинско месо

Зголемените сметки за енергија во Европа предизвикуваат бран на затворање на големите фабрики за ѓубрива низ континентот, предизвикувајќи нарушување кај земјоделците, производителите на храна и, на огромна жалост на сопствениците на пабови, кај производителите на пиво. Неодамна, најголемата светска компанија за ѓубрива „Јара“, со седиште во Норвешка, објави намалување од 50 отсто на своето производство на уреа и азотни ѓубрива базирани на амонијак во Европа, наведувајќи ги „рекордно високите цени“. Одлуката дојде помалку од 24 часа откако најголемиот британски производител за ѓубриво соопшти дека „привремено ќе го запре“ производството во фабриката во Билингем. Двајца други големи производители на ѓубрива во Полска исто така најавија дека ќе ја прекинат работата.

Јаглерод диоксидот клучен во производството на пиво

Ѓубривото не само што е од клучно значење за зголемување на плодноста на почвата на културите туку неговото производство создава нуспроизвод, односно јаглерод диоксид што се користи за додавање пенливост на пивото и безалкохолните пијалаци, снабдување на болниците за хируршки процедури и овозможување на животните да се колат хумано. Затоа, земјоделците, производителите на храна, па дури и сопствениците на пабови се длабоко загрижени за пошироките последици од најавата за криза со ѓубривата. „Карлсберг“, третата по големина компанија за производство на пиво во Полска и подружница на данската мултинационална компанија, планира да го прекине производството на пиво речиси веднаш, а се очекува и од другите пиварници да го следат примерот.
Индустријата за производство на ѓубрива е меѓу првите тешки индустрии низ Европа што го намали производството поради енергетската криза влошена со конфликтот во Украина и последователните санкции на Западот врз руската нафта и природен гас, кој е неопходен елемент за ѓубрива базирани на азот. Џејкоб Хансен, шеф на големата лоби-група за ѓубрива во Европа, рече дека зголемените цени на горивата, за кои набљудувачите на индустријата стравуваат дека ќе останат високи барем до крајот на годината, го оневозможуваат одржувањето на производството.

Ефект на домино

Затворањата на фабриките предизвикаа стравувања во повеќе сектори за храна и пијалаци. Минет Батерс, претседателка на Националниот сојуз на земјоделци на Велика Британија, рече дека затворањето на најголемата фабрика за ѓубрива во Британија е „исклучително загрижувачко“. Таа додаде дека пазарот на ѓубрива „е од клучно значење за одржување и подобрување на британското домашно производство на храна“, повикувајќи ја Владата да ја разгледа достапноста на производите на јаглерод диоксид. Британската индустрија за пиво и пабови рече дека времето на исклучување „не може да биде полошо“ и „може да доведе до недостиг од пиво низ целата земја“. Пиварниците и пабовите веќе се соочуваат со екстремни трошоци за енергија, кои се закануваат да ги затворат бизнисите и да ја погодат егзистенцијата низ Велика Британија.
Беата Пташињска-Јединак од пиварницата на „Карлсберг“ во Полска рече дека има и пошироки импликации надвор од пивото и безалкохолните пијалаци, бидејќи јаглерод диоксидот се користи за производство на сув мраз, кој е од суштинско значење за зачувување на храната за време на транспортот и складирањето. Полскиот министер за земјоделство Хенрик Ковалчик изјави дека работи на план што ќе им помогне на производителите на ѓубрива да купуваат гас по умерена цена. За да се намали дел од притисокот, Европската комисија предложи привремено суспендирање на тарифите за клучните производи за производство на азотни ѓубрива, за кои националните влади во Европскиот совет ќе разговараат откако ќе ги продолжат состаноците во септември.
Најголемата британска фабрика за производство на ѓубриво веќе доби еден краткорочен договор за спас од Владата, со тоа што исплатата лани во септември ги покри нејзините оперативни трошоци за три недели, бидејќи цените на енергијата се зголемија поради побарувачката по крајот на пандемијата. Овој пат се чини дека министрите не сакаат да се мешаат. Некои бизниси во Велика Британија ги диверзифицираа своите резерви на јаглерод диоксид преку увоз од почетната криза минатата есен. Со зголемувањето на цените, други индустрии се вклучија за да го обезбедат индустрискиот нуспроизвод и да ги усовршат сопствените верзии за продажба на храна.
Ник Ален, главен извршен директор на Британската асоцијација за преработувачи на месо (БМПА), смета дека иако сега се во многу подобра позиција отколку пред една година, британската месна индустрија ќе се соочи со сериозни проблеми доколку најголемиот британски производител на ѓубриво го запре производството. Компанијата веќе ја затвори својата сестринска фабрика во Чешир во јуни, оставајќи ги резервите на јаглерод диоксид во Велика Британија во неповолна состојба. Според Ален, британската индустрија во голема мера се потпира на прекуокеанските доставувачи за да го дополни недостигот.
Од крајот на јули, производителите на амонијак во Италија и во Германија, исто така, го намалија производството, поради што европските компании за храна и пијалаци наидоа на проблем да обезбедат доволни резерви на јаглерод диоксид. Без доволно снабдување со гас, како што истакнува Ален, земјоделците потенцијално ќе се соочат со проблем со благосостојбата на животните, при што сè поголем број свињи и живина нема да можат да бидат испратени на преработка.