Цената од 10,1 милиони долари за дресот на Џордан е повисока од онаа за дресот на аргентинската фудбалска легенда Марадона, лани продаден за 9,3 милиони долари, и е нов рекорд на аукција за парче спортски сувенир користен на натпревар, според „Сотби“

КОШАРКА – ДРЕС НА МАЈКЛ ЏОРДАН ПРОДАДЕН ЗА 10,1 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Дресот што го носеше кошаркарската ѕвезда Мајкл Џордан на првиот плејоф-натпревар од финалната серија Чикаго булс – Јута џез, на 3 јуни 1998 година, беше продаден за рекордни 10,1 милиони долари на аукција во Њујорк, соопшти „Сотби“, кој ја организира продажбата, пишува „Ројтерс“. Последната шампионска сезона, 1997/1998, на Џордан во Чикаго е позната и како „Последниот танц“ и за неа ЕСПН и „Нетфликс“ снимија документарна серија во 2020 година.
Сумата од над 10 милиони долари е двојно поголема од првичните процени (од три до пет милиони) и постави нов рекорд на аукција за парче спортски сувенир користен на натпревар, според „Сотби“.
Тоа е еден од двата дреса што Џордан ги носеше на финалните натпревари што се најдоа на аукција и „еден од најзначајните предмети во кариерата на Мајкл Џордан“.
Цената од 10,1 милиони долари е најскапиот кошаркарски дрес продаден на аукција, далеку над 3,7-те милиони минатата година за дресот на Коби Брајант. Таа сума, исто така, го собори рекордот на спортски сувенири носени на натпревар што го држеше дресот на аргентинската фудбалска легенда Диего Марадона од четврт-финалето на Светското првенство (СП) во 1986 година против Англија, кој лани му беше продаден за 9,3 милиони долари на анонимен купувач.
Во октомври лани црвено-белите патики што ги носеше Џордан на петтиот натпревар во НБА-лигата во дебитантска сезона со Чикаго булс, на 1 ноември 1984 година, беа продадени за рекордна цена за патики 1,47 милион долари на аукција. Л.Д.