Во рамки на неговата официјална посета на Македонија, претседателот на Италија, Серџо Матарела, денеска со претседателот на државата Стево Пендаровски положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
– Двајцата претседатели, по завршувањето на церемонијата на положување венци, ги разгледаа иконостасот, иконите и фрескоживописот во црквата „Св. Спас“ – соопштија од кабинетот на претседателот.
Претходно Пендаровски, во претседателскиот кабинет на официјална церемонија и со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот Матарела, а по одржаната тет-а-тет средба и пленарниот состанок на официјалните делегации на двете земји, се одржа заедничка прес-конференција на двајцата претседатели.