Ако погледнеме наназад во изминатите 31 година, заклучокот е тој. Секогаш кога и било тешко на Македонија СДСМ била тука, водела напред и секогаш била на вистинската страна, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на традиционалниот народен пикник на Пеленица по повод 8 Септември – Денот на независноста.
– Од процесот на создавање независна држава, меѓународно признавање, преку кандидатски статус, решавање на споровите со соседите и реализирање на стратешката цел, членство во НАТО, па се до почетокот на преговори со ЕУ оваа година. И затоа денеска после 31 година со гордост можам да кажам: Како што нашите предци во НОБ биле на вистинската страна, СДСМ била и се уште е на вистинската страна на македонската современа историја – изјави Ковачевски.
Вели дека после 17 години во „чекална“, успеале и го направиле клучниот чекор од последната етапа во евро-интеграциите, а тоа се преговорите со Европската Унија за полноправно членство, со чист македонски јазик и сочуван македонски идентитет и посебност.
– СДСМ го имаше товарот да се носи со едни од најтешките глобални предизвици. Прво со надминување на последиците од пандемијата со коронавирусот а потоа и со решавање на најголемата економска и енергетска криза што последните неколку месеци ја тресе цела Европа и светот – додаде тој.
Во своето обраќање премиерот Ковачевски истакна дека се подготвени и за претстојниот тежок период.
– Со одговорен и ефикасен пристап, го зголемуваме домашното производство на струја со цел таа да биде постојано достапна за домаќинствата, стопанството и за јавните установи. Цената на електричната енергија за домаќинствата и ја субвенционираме во висина од 80 отсто и така ќе продолжиме. Обезбедуваме струја, но и храна, во кризниот период да има доволно и постојано и за граѓаните и за стопанството – појасни тој.
Додаде дека со септемвриската плата Владата предводена од СДСМ и Коалицијата обезбедиле повисоки месечни примања за вработените во образованието, детската заштита, одбраната, полицијата. Најави дека следува и рекордно зголемување на пензиите на над 320.000 пензионери согласно новата методологија договорена со здруженијата на пензионерите.
-Ова се само дел од мерките кои имаат за цел заштита на животниот стандард на граѓаните во време на криза. Тоа е новиот влог на СДСМ за граѓаните и стабилноста на земјата во услови на најтешка економска и енергетска криза по Втората светска војна, вели премиерот и додаде дека СДСМ ја донесе државата во нова ера и ново европско поглавје.
Го реализиравме концептот „Едно општество за сите“, создадовме граѓанска држава со еднакви услови за сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници – потсети Ковачевски.
Порача дека СДСМ е државничка партија, која како што вели „води напред и го гледа државниот интерес“, а според него ВМРО-ДПМНЕ е парија која само ги гледа своите тесно партиски интереси.
Додека СДСМ води кон реформи во судството и борба против корупцијата преку европеизација, ВМРО-ДПМНЕ ги бара назад времиња во кои се чувствуваат удобно во нивните криминални методи. Единствена причина зошто ВМРО-ДПМНЕ сака да го блокира нашиот пат кон ЕУ е затоа што таму каде што се движи земјата, таму нема место за ретроградни политичари, појасни Ковачевски.
Иницијативата за референдум на опозицијата ја оцени како „последна потврда за хипокризијата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“ и порача дека лажниот патриотизам не поминува повеќе.
-Затоа Мицкоски и неговите пратеници не гласаа против предлогот во Собрание. Затоа најавуваше поништување на територијалната поделба а не го направија тоа. Затоа избегаа од референдумот за Преспанскиот договор. Затоа и поставија прашање за Договор за кој јавно кажаа дека го поддржуваат – вели Ковачевски.
Порача дека заедно со граѓаните продолжуваат по европскиот пат, без никакви пречи.
Северна Македонија до 2030 ќе биде членка на ЕУ а до тогаш ќе се развива, реформира и унапредува во секоја пора од општеството. Европеизација значи подобри закони, праведна држава, посилна економија и развој. Нема да дозволиме да запреме сега кога сме на чекор од реализација на стратешките цели, изјави премиерот и додаде дека СДСМ останува на своите принципи и државнички постулати.
-Да живее Денот на независноста! Да живее Европска Македонија! Да живеат граѓаните! -порача претседателот на Владата во своето обраќање.