За шест години, ВАР не го донесе „крајот на фудбалот“, како што тогаш пишуваа некои, туку сега е дел од структурата на нашиот спорт и е тешко да се замисли фудбалот без него, вели Колина за ФИФА
Многу добро се сеќавам на денот. Историски ден. Во тоа време не работев официјално за Светската фудбалска федерација, но бев во Бари со колеги, за да го гледам мечот Италија – Франција и да ги видам судиите-видеопомошници, користени првпат на меѓународни натпревари. Сите бевме многу љубопитни да го видиме исходот, но морам да признаам и малку нервозни. На крајот на краиштата, тоа беше првпат, вели поранешниот судија Пјерлуиџи Колина, сега претседател на судискиот комитет на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Тој вели дека седеле во мало комбе надвор од стадионот во Бари со новиот претседател на ФИФА, Џани Инфантино.
– Таму беше технологијата, а јас му покажував на Инфантино како функционира системот видеопомошник-судија (ВАР). Тоа беше на 1 септември 2016 година, а за шест години ВАР не го донесе „крајот на фудбалот“, како што тогаш пишуваа некои, туку сега е дел од структурата на нашиот спорт и е тешко да се замисли фудбалот без него. Првиот пат кога се разговараше за таква технологија, за да се спречат погрешни одлуки на натпреварите, беше на состанок на Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ) во 2014 година. Во тоа време се чинеше како сон, но беа потребни само две години од идеја да се имплементира на врвно фудбалско ниво таа вечер во Бари. Но тоа беше голем предизвик да се подготвиме за помалку од две години за Светското првенство (СП) во 2018 година. ВАР на СП 2018 беше огромен успех и тоа беше најдобриот можен одговор за оние што чекаа неуспех. Тие останаа разочарани. ВАР е една од најголемите промени во историјата на фудбалот, па разбирливо е дека на луѓето им треба време да го сфатат и ценат. Поттикнувањето на играчите, тренерите, гледачите и медиумите подобро да ја разберат технологијата и нејзината употреба беше клучна цел за нас во изминатите години. Сега има многу поголема свест низ светот за ВАР-процесот и тој стана многу пошироко прифатен – вели тој за интернет-страницата на ФИФА.
Според Колина, секогаш може да се направат подобрувања.
– Ние го знаеме ова. Знаеме дека понекогаш е уште премногу долго за да се донесе конечна одлука и треба да го забрзаме овој процес. За таа цел, ќе видиме полуавтоматска офсајд-технологија што работи со ВАР. Новата технологија ќе донесува одлуки побрзо, намалувајќи го времето потребно за да се провери дали голот е правилно постигнат. ФИФА, во согласност со визијата на претседателот за 2020-2023, продолжува да ја користи технологијата за да му помогне на судијата и да ја направи играта што ја сакаме пофер и потранспарентна. Подобрувањето и развојот се две клучни фази за нас. Со околу 100 здруженија членки на ФИФА и организатори на натпревари што го користат или што ќе го користат, ВАР станува сѐ повеќе вистински глобален. Постигнавме долг пат во шесте години од тоа мало комбе во Бари и горди сме на работата на ФИФА зад спроведувањето на ВАР – рече Колина.