Германската влада основаше холдинг компанија за да ја изврши евентуалната национализација на „Газпром Германија“, објави денеска германскиот весник „Велт ам Зонтаг“, цитирајќи владин документ.
Во април германскиот енергетски регулатор најави дека ќе управува со компанијата „Газпром Германија“ (трговија, складирање и пренос) во интерес на Германија и Европа.
Новиот холдинг наречен СЕЕГХ е одговорен за инвестициите на компанијата, објави весникот, наведувајќи дека директорите се двајца адвокати од адвокатската фирма ЦМС, која одби да го коментира извештајот, повикувајќи се на обврските за доверливост.
Германското Министерство за економија соопшти дека е запознато со холдинг-компанијата и дека нејзиното основање е превентивен чекор за какви било мерки за реструктуирање.
– Тоа е мерка на претпазливост која во моментов постои само како обвивка на корпоративното право – изјави портпаролот на Министерството за „Велт ам Зонтаг“.