Приватниот живот на финската премиерка Сана Марин во фокусот поради случајот „Партигејт“
Снимките на кои се гледа како финската премиерка Сана Марин се забавува се појавија во јавноста и предизвикаа низа бурни реакции. Дел од јавноста ја осудува, па многумина на социјалните мрежи побараа нејзина оставка, додека други ја поддржаа, објавувајќи на социјалните мрежи сопствени снимки на кои се забавуваат. Триесет и шестгодишната Марин неделава беше критикувана, а некои политичари рекоа дека треба да се тестира за наркотици. На прес-конференција, Марин рече дека се тестирала, а резултатите покажаа дека таа не користела дрога. Дел од јавноста ја поддржува финската премиерка и смета дека и политичарите треба да имаат приватен живот. Но поради бурните реакции за случајот што светските медиуми го нарекуваат „Партигејт“ се поставува прашањето смеат ли политичарите да се забавуваат?
Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, основач и директор на Академијата за протокол на Македонија и меѓународен консултант по етикеција и протокол, објаснува дека иако е неправедно, многу често политичарите мораат да дадат и оставка и за помали работи.
– Фактот што снимката на премиерката на Финска предизвика толку контроверзи, дури и во една демократски високоразвиена Финска, само покажува дека гласачите обрнуваат исто толкаво внимание на приватните моменти на политичарите колку што обрнуваат и на нивните работни резултати. Се разбира, секој има право на приватен живот, но дури и во тие мигови човек мора да биде свесен дали одредено однесување може да се покаже како ризично и да ја саботира неговата кариера. Мора да се признае дека на моменти, премиерката изгледаше малку поопуштено од што тоа би се очекувало од некого на толку висока функција, но за поздрав е нејзината одлука да го послуша гласот на јавноста која бараше тест против недозволени супстанции со што покажа дека е одговорна. Не се ретки примерите кога политичари давале оставки токму поради некој гаф во приватниот живот, колку и да е тоа неправедно. За жал, кога станувате јавна личност, границата меѓу службеното и приватното е многу тенка, и секогаш постои можност „да протечат“ снимки или фотографии кои не ве прикажуваат во најдобро светло. Но, сепак, кога сте премиер, работните резултати би требале да имаат приоритет над начинот на кој танцувате – објаснува Лукреција Маљковиќ-Атанасовска.
Марин инсистираше на тоа дека таа има право на пресумпција на невиност. Новинарите прашуваа дали премиерката ќе можела да донесе итни владини одлуки додека била на забавата, доколку било потребно.
– Не се сеќавам ниту еден пат кога имало ненадејна ситуација среде ноќ да се оди во Палатата на Државниот совет. Мислам дека мојата способност да функционирам беше навистина добра. Немаше најавени состаноци во деновите кога се забавував. Верувам дека луѓето разбираат оти слободното време и работното време можат да се одвојат – изјави Марин.
Таа, исто така, изјави дека е вознемирена што снимката станала јавна.
– Случајот со премиерката на Финска покажува колку брзо се менуваат стандардите во негативен контекст. Самата позиција премиер носи многу бенефити, но носи и големи одговорности. Стандардите на однесување мора да се почитуваат и реално кога си премиер, 24 часа немаш приватен живот и затоа треба да се свесни сите оние кои се нафаќаат и преземаат големи одговорности – смета политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Според него, оние што се на таква функција мора да се држат до протокол и до одредени стандарди.
– За мене лично е недозволиво такво однесување без оглед на оправдувањата кои се даваат, млада е има право на приватен живот, не направи ништо лошо и слично. Поддршката која сега ѝ се дава преку објавување на видеа од страна на женскиот пол е само зголемување на јазот и негативниот импакт кај поголемиот дел од јавноста. Треба да им стане јасно на сите оние кои имаат јавни функции дека правилата треба да се почитуваат 24 часа и дека постојат стандарди и протоколи кои треба да се следат, а не да се менуваат и прилагодуваат согласно нивните потреби – вели Пекевски.
Марин месецов беше прогласена за „најкул премиер во светот“ од страна на германскиот весник „Билд“. Таа не крие од јавноста дека се забавува во слободното време, при што повеќепати досега беше фотографирана на разни музички фестивали, а минатата година јавно се извини откако беше во дискотека по контакт со лице заразено од ковид-19.