Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, ја честиташе победата на Медат Куртовски, за градоначалник на општина Маврово-Ростуше.
– Денес е голем ден и вие застанавте и одлучно кажавте дека сакате Маврово и Ростуше да оди напред. Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани кои денес излегоа и го дадоа својот глас и придонесоа за овој изборен ден да помине демократски и достоинствено – изјави вечерва Ковачевски од оваа општина.
Тој рече дека општината Маврово Ростуше масовно и достоинствено гласаше за Медат Куртовски и европската коалиција предводена од СДСМ, истакнувајќи дека 3.238 наспроти 1.900 гласови се потврда дека Медат одлично си ја врши својата работа последните четири години и со уште поголем елан ќе продолжи да ја извршува својата функција во наредните четири години во интерес на граѓаните.
– Ве уверувам дека со посветена работа Медат ќе продолжи за вас и за цело Маврово-Ростуше да ги реализира ветените проекти. Во тоа ќе има и поддршка од Владата на државата затоа зашто граѓаните на Маврово и Ростуше тоа го заслужуваат – рече Ковачевски, заблагодарувајќи му се и на противкандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за фер и демократските избори.
Тој оцени дека граѓаните во овие предизвикувачки времиња препознале вистински политики и препознале кој работи за граѓаните, додавајќи дека победата на Медат е победа на концептот кој создава напредно но и развиено општество, европски вредности и евроспка иднина за Маврово-Ростуше и за целата држава.
Куртовски од своја страна се заблагодари на поддршката на сите оние кои дале глас за него.
– Се заблагодарувам и на мојот противкандидат д-р Мехмед Џафери и аплауз и за него. Се заблагодарувам за фер кампањата и фер односот и се надевам дека и понатаму ќе работиме заедно сите во интерес на сите наши граѓани без разлика кој за која политичка партија гласа. Ние сме тука мала општина и мораме заедно да работиме во интерес на сите граѓани. Оваа огромна победа за нас значи и огромна одговорност и јас ветувам дека чесно и одговорно ќе работиме и ќе ги реализираме сите проекти за нашите населени места. Да живее Маврово-Ростуше, да живее СДСМ, да живее Република Северна Македонија – рече Куртовски.