Објавена листата на „100 најголеми“ компании по добивка во Македонија за 2021 година
Стоте најголеми компании во земјава во 2021 година оствариле вкупна добивка од 735,5 милиони евра, додека во 2020 година, добивката на овие компании била 517,4 милиони евра, што значи дека за една година се зголемила за 42 отсто.
Порталот „Пари“, во соработка со платформата за бонитетни информации БизнисМрежа.мк, ја претстави листата „100 најголеми“ компании по добивка во Македонија за 2021 година според три категории – најголеми компании по приходи, добивка и број на вработени.
Целта на проектот „100 најголеми“ е да придонесе кон развој и јакнење на позитивната деловна клима низ промоција на позитивната деловна пракса на најголемите компании по приход, добивка и број на вработени.
Со рангирањето се опфатени 100 најголеми компании, односно трговски друштва во приватна сопственост. Ранг-листата не вклучува правни лица, банки, осигурителни компании, државни институции, компании во државна сопственост и други правни лица што не се регистрирани во согласност со Законот за трговски друштва.
Во продолжение ја објавуваме листата на која се рангирани компаниите според остварената добивка во 2021 година, потоа е наведен процентот на раст, како и рангирањето на истата компанија во 2020 година.
Ако се споредат податоците за најприходните и најпрофитабилните компании, може да се заклучи дека само три компании од топ 10 најголеми по приход се во групата на топ 10 најголеми по добивка.
Интересен е и фактот што пет компании што во 2021 година биле во загуба, во 2020 година влегле во 100-те најпрофитабилни.
Инаку, вкупните добивки на најпрофитабилните компании се генерирани од нивниот вкупен приход од 7,86 милијарди евра (околу 2,4 милијарди евра помалку од она што го оствариле 100-те најголеми фирми по приход).
Во 100-те најголеми компании по добивка имало и помалку вработени во однос на 100-те најголеми компании по приход. Односно кај нив лани биле вработени 47.651 работник. Е.Р.