Фото: Приватна архива/Фејсбук

Се врши притисок да се одржи Охридскиот пливачки маратон. Јас сум секогаш тука да помогнам, тоа е наша најдобра манифестација и греота би било да не се одржи, но факт е дека во последните две-три години имаше бројни пропусти што доведоа до ваквата ситуација, вели прославениот поранешен македонски пливач Томи Стефановски, коментирајќи ја за „Нова Македонија“ неизвесноста околу одржувањето на најстарата пливачка манифестација во Македонија која има 60-годишна традиција.

Одлуката за откажување на Охридскиот пливачки маратон беше објавена вчера по средбата помеѓу претседателот Стево Пендаровски со првиот човек на македонското пливање Горан Стојановски, а како причини беа наведени блокираната сметка на Пливачката федерација на Македонија и финансиското работење на претходното раководство.

– Проблеми со организација на Охридскиот пливачки маратон имало отсекогаш, но годинава тие се поголеми поради пропусти од претходните години, како и тоа што маратонот го нема во календарот на ФИНА. Сепак, треба да се истакне дека во календарот на ФИНА ги нема ниту најголемите маратони, како оној во Капри или пак во Канада – посочува Стефановски.

Тој, како поранешен победник на Охридскиот маратон ја истакна важноста на ова натпреварување за македонското пливање, но и катастрофалниот однос кон манифестацијата со богата традиција.

– Охридскиот маратон е многу важен за македонското пливање, но односот кон него и воопшто кон маратонското пливање е катастрофален. Ние честопати пливавме за себе – нагласи Стефановски.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денеска одржа координативен состанок по кој кажа дека општината мора да ги преземе одговорностите како главен организатор, како и дека ќе направат се што е во нивна моќ, за да успеат да го организираат Охридскиот пливачки маратон. Тој напомена дека имало разговори и со Агенцијата за млади и спорт, како и дека за главен покровител ќе биде поканет претседателот на Македонија.