Условите за тренинг во Маврово се добри. Времето ни е лимитирано и затоа уште од почетокот се подготвуваме и на физички и на тактички план, што е можно подобро, вели репрезентативецот Магдевски. Македонија во вторник игра во Бар со Црна Гора, а првиот дел од претквалификациите е на 25 август, на гости кај Данска
КОШАРКА – ВО ПРЕСРЕТ НА ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025
Македонската машка кошаркарска репрезентација предводена од новиот селектор Александар Јончевски, веќе неколку дена е во Маврово, каде што се подготвува за почетокот на новиот квалификациски циклус, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година. По еднонеделните подготовки во Маврово кошаркарите ќе продолжат во Скопје до претстојниот прв предизвик во групата во претквалификациите и дуелот со Данска, на гости на 25 август, а три дена потоа и со Словачка на домашен терен.
– Условите за тренинг во Маврово се добри. Времето ни е лимитирано и затоа уште од почетокот се подготвуваме и на физички и на тактички план, што е можно подобро. Сметам дека до она што нѐ очекува во овој циклус на преквалификации за ЕП 2025 сите ќе бидеме добро подготвени – ни изјави Андреј Магдевски (26).
Според Магдевски, засега сѐ се одвива според планот, а првата проверка ќе претставува пријателскиот дуел со Црна Гора на гости, во вторник.
– Ни следува пријателски контролен дуел во Бар, со Црна Гора, па се надевам дека до официјалните натпревари сите ќе бидеме во добра физичка и натпреварувачка форма и ќе дадеме сѐ од себе за да ги извојуваме и првите две претквалификациски победи – вели бекот Магдевски.
Македонија во овие претквалификации за пласман во квалификациите за ЕП 2025 е во групата Д, заедно со репрезентациите на Данска, Словачка и на Норвешка. Само првопласираната репрезентација ќе игра во квалификациите за континенталното првенство, а другите ќе играат во уште еден претквалификациски циклус. Г.И.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
Црна Гора – Македонија пријателски натпревар, 16 август
Данска – Македонија претквалификации за ЕП, 25 август
Македонија – Словачка претквалификации за ЕП, 28 август