Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бензема е многу важен, наш лидер. Тука сме најмногу поради него, тој постигна многу важни голови. Нема дилеми кој треба да ја освои „златната топка“, тоа треба да биде Карим, изјави Анчелоти. Бензема постигна еден гол во триумфот на мечот со Ајнтрахт, негов 324-ти за Реал, и сега на листата на стрелци на европскиот првак пред него е само Роналдо, со 450 гола

ФУДБАЛ – ПО ТРИУМФОТ НА РЕАЛ МАДРИД ВО СУПЕРКУПОТ НА УЕФА

Карим Бензема ја продолжи својата трка по „златната топка“ со 324-от гол за европскиот првак Реал Мадрид, во победата со 2-0 на мечот со Ајнтрахт за Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА), во Хелсинки (Финска), пишува „Би-би-си“.
– Бензема е многу важен, наш лидер. Тука сме најмногу поради него, тој постигна многу важни голови. Нема дилеми кој треба да ја освои „златната топка“, тоа треба да биде Карим. За нас тој е најважниот и најефективен играч на светот – изјави тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, за „Мувистар“, пренесе „Би-би-си“.
Анчелоти ги именува истите 11 што го почнаа и финалето на Лигата на шампионите годинава со Ливерпул. Реал Мадрид поведе со голот на Давид Алаба во првиот дел, а Бензема го удвои водството на шпанскиот фудбалски гигант по паузата и се искачи на второто место на листата на стрелци на Реал Мадрид, претекнувајќи го Раул и сега е само зад Кристијано Роналдо, кој има 450 гола.
Бензема лани ја имаше најплодната сезона во својата кариера, постигнувајќи 44 погодока во 46 натпревари за Реал Мадрид, за да му помогне на својот тим да освои титули во Лигата на шампионите и во првенството на Шпанија, и се чини дека е подготвен да ја продолжи таа форма, пишува „Би-би-си“.


Прв Суперкуп за Реал Мадрид по освоениот во Скопје

Реал Мадрид петти пат триумфира во Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА) по победата на мечот со Ајнтрахт, со 2-0, со што се израмни со досега водечките Барселона и Милан. За Реал Мадрид тоа беше прв ваков трофеј по триумфот во 2017 година во Скопје (2-1 на мечот со Манчестер јунајтед), претходно го освои Суперкупот и во 2002, 2014 и во 2016 година, а загуби во 1998, 2000 и во 2018. Наедно, тоа беше првиот Суперкуп на УЕФА по тој што го одигра во Скопје, кој заврши по 90 минути игра, откако претходните четири се играа по 120 минути, а два се решаваа на пенали.


Десетти голем меѓународен трофеј на Анчелоти како тренер

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, го освои рекордниот четврти трофеј во Суперкупот на УЕФА, оставајќи го зад себе Пеп Гвардиола со три. Анчелоти сега има вкупно 10 големи меѓународни трофеи, и тоа по четири во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Суперкупот на УЕФА (во двете натпреварувања по два освои со Милан и со Реал) и два на клупското Светско првенство (по еден со Милан и со Реал). Од годинава тој е и единствениот со домашни титули во петте најсилни првенства во Европа (Италија, Англија, Франција, Шпанија и во Германија), единствениот со учество во пет финалиња во ЛШ и е еден од седумте што биле европски првак како играч и како тренер.