Пред хотелот каде е сместена претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси, се одржува протест на прокинеска група која се противи на нејзината посета.
Некои држеа транспаренти на кои пишуваше „Оди си дома, воена поттикнувачке“, јавува „Би-би-си“.
Тајванските медиуми јавуваат дека Пелоси утре наутро ќе се сретне со тајванскиот претседател Цаи Инг-вен, пред да оди во тајванскиот парламент, а попладне во музејот за човекови права.
Пелоси е највисокиот американски политичар кој го посетил Тајван по тогашниот претседател на Претставничкиот дом, Њут Гингрич, кој дојде во Тајван во 1997 година.
Кина денеска го осуди „исклучително опасниот“ став на САД, непосредно по пристигнувањето на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, во Тајван, автономна територија што Пекинг ја смета за една од своите провинции.
„САД… се обидуваат да го искористат Тајван за да ја зауздаат Кина“, објави кинеското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека Вашингтон не престанува „да го деформира, прикрива и празни принципот на една Кина од секаква смисла, зајакнувајќи ја официјалната размена со Тајван и охрабрување на сепаратистичките активности на Тајван.”
– „Тие акции, како и играњето со оган, се крајно опасни – соопшти Министерството.
Портпаролот на кинеското Министерство за одбрана, Ву Чиан, денеска најави дека Кина ќе започне „целни воени акции“ како одговор на посетата на Пелоси на Тајван.
– Операцијата на војската има за цел одлучно да го одбрани националниот суверенитет и територијален интегритет и цврсто да се спротивстави на странското мешање и сепаратистичките обиди за независност на Тајван – рече Ву Чиан.
Покрај тоа, Кина најави дека ќе одржи „важни“ воени вежби, вклучително и четиридневна вежба со употреба на боева муниција, во шест региони околу Тајван, објавија кинеските државни медиуми.