Во земјава нема регистрирано случај на мајмунски сипаници, а Институтот за јавно здравје располага со доволно тестови за дијагностицирање на овие сипаници, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали.
– Има доволно тестови за евентуална појава на сипаници. За вакцините, од националниот кородинатор за имунизација имам потврда дека во државата имаме на располагање вакцини доколку се појави случај – изјави Сали, одговарајќи на новинарски прашања по отварањето на реновираниот Хируршки ургентен центар во склоп на УК ТОАРИЛУЦ Скопје.
Изградбата на новиот клинички центар останува приоритет, засега нема најдобро финансиско решение
Министерот за здравство Беким Сали денеска во изјава за медиумите рече дека изградбата на новиот клинички центар за него како министер останува приоритет, но дека не е можна негова реализација во моментот поради немање најдобро финансиско решение.
– Тоа е комплексен проект кој бара неколку решенија меѓу кои и финансискиот дел. Поради немање на најдобро финансиско решение за реализација на овој проект, продолжуваме со реновирање и адаптирање на постоечките клиники се до моментот кога ќе се заокружи мозаикот неопходен за реализација на таков капитален проект – изјави Сали.
Прашан дали тоа е можно да се реализира во овој мандат, Сали рече дека е оптимист.