Фото: Игор Бансколиев

Сакајќи да ја релативизира унилатералната изјава на Софија за македонскиот јазик, Османи направи тежок гаф

Деновиве, Бујар Османи, министер за надворешни работи, коментирајќи ја бугарската унилатерална изјава испратена до членките на Европската Унија, (каде што ставот на официјална Софија е дека македонскиот јазик не постои и, всушност, станува збор за бугарски дијалект), во јавноста ја сподели информацијата дека „и во минатото Бугарија испраќала унилатерални изјави и дека тие унилатерални изјави немаат никаква тежина!?“ На ваквата изјава веднаш реагираа дипломати, политичари, правници, лингвисти, па и обични граѓани…

Политичарите да ја почитуваат и уважуваат науката

Познавачите на дипломатијата и на правото ја отфрлија констатацијата на министерот Бујар Османи како произволна и аналфабетска. Повеќе интелектуалци и лингвисти реагираа и на контрадикторноста и произволноста на изјавата на Османи.
Академик Катица Ќулафкова во врска со унилатералната изјава на Бугарија за македонскиот јазик изјави дека таа дала иницијатива во МАНУ, заради научната вистина, при што Одделението за лингвистика и литературна наука едногласно го усвоило текстот.
Јас дадов иницијатива во МАНУ, а Одделението за лингвистика и литературна наука едногласно го усвои текстот на ставот по однос на изјавата на Бугарија и францускиот предлог, но процедурата во МАНУ е долга и се одложи за септември. За тоа бевме мотивирани првенствено научно и заради вистината. Оти, да кажете дека еден кодифициран, практикуван и развиен природојазичен систем, со свој сопствен богат состав на дијалекти, каков што е македонскиот јазик, е дијалект на друг јазик, значи пред сè да правите конфузија меѓу јазик и дијалект. Македонското и бугарското „наречје“ на словенскиот јазик (народните говори на Македонците и народните говори на Бугарите) во средината на 19 век биле на исто ниво на развој, за што сведочи и контрастивната анализа/граматика на великиот Партениј Зографски. Тој покажал дека македонските западни дијалекти се дури поразвиени и посоодветни за да послужат како основа за евентуален заеднички „славјански“ јазичен систем, предлог што бил одбиен од самите бугарски филолози. Бугарската модерна азбука е кодифицирана дури на крајот на 19 век (1878/1879, Марин Дринов), а македонскиот јазик добива своја референтна кодификација во 1903 година од Мисирков, усвоена од Македонското научно-литературно другарство во Петроград (Чуповски) и други македонски друштва, значи временски не постои голема разлика. И таа временска разлика произлегува од фактот што во тој миг европските сили не помогнале политички и кадровски да се создаде македонска држава како што претходно помогнале при создавањето на грчката и бугарската држава (кнежевство…). Значи, ниту еден историски факт не ја оправдува политиката на јазична супремација на ниту еден јужнословенски јазик, па ни на бугарскиот. Ни сличностите, ни разликите меѓу јазиците и културите на јужнословенските народи не смеат да бидат причина за меѓусебна негација, наддавање и за политичко уценување. Доволно сме блиски просторно, културно, јазично и етнички, за да соработуваме безусловно, во мир, а не да се опструираме и негираме едни со други. Разликите меѓу словенските народи, всушност, се злоупотребуваат од центри на моќ и од екстремните и примитивно националистички балкански групации за поттикнување конфликти, за нарушување на пријателските односи, за говор на омраза… Сите учесници на вакви сценарија се потенцијално одговорни. Јас сум за добрососедство и дијалог врз начело на заемна почит. Сè друго е фактор на дестабилизација – вели Ќулафкова.

Неодговорна изјава или провокација за јавноста од страна на министерот

Д-р Елка Јачева-Улчар од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“-Скопје воопшто не се согласува со овој став на министерот. Според неа, секоја изјава што доаѓа од страна на политичарите е политичка, а сосема друга работа е што кај нас зад вакa квалификуваните изјави се кријат политичарите, порачувајќи ни дека штом е нешто „политички“, тоа е така и беспоговорно треба да се прифати без да се коментира. Улчар исто така нагласува дека во демократските земји политиката „работи“ во полза на својот народ, но сѐ поочигледно е дека не и во нашиов случај.
На сличен начин, ми се чини, во контрадикција паѓа и нашиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кога, зборувајќи за нашата еднострана изјава, вели: „Таа не е историска изјава!“ Како може една политичка одлука (во случајов наречена изјава) да ја исклучува историјата, кога и политичките лаици како мене знаат дека со политички одлуки се менувале цели општествени системи, се уредувале нови државни граници, се потпишувале мировни спогодби итн., со што во голема мера се менувале или се креирале нови историски појави и процеси – вели Елка Јачева-Улчар.
Улчар нагласува дека македонскиот јазик има повеќевековна историја и дијалектно се простира надвор од државните граници.

Академик Ќулафкова: Постои ли некое минорно малцинство со свои посебни интереси, различни и спротивни на државно-националните?

Академик Катица Ќулафкова, во врска со унилатералната изјава на Бугарија за македонскиот јазик, во интервјуто за „Вечер“, упатува силна порака до некои носители на државни функции.
– Влада која не го уважува мислењето на стручната и експертска јавност, мислењето на пошироката јавност, како и општонародната волја изразена демократски со два референдума, всушност, се делегитимира историски самата себе, носејќи одлуки штетни по сопствените државно-национални интереси. Тука се поставува прашањето чии интереси штити една влада ако не го почитува мислењето на мнозинството. Дали постои некое минорно малцинство со свои посебни интереси различни и спротивни на државно-националните, па таа ги штити нив? Дали ги штити интересите на некоја друга држава или на други држави? Дали се однесува како државата (Македонија) да е протекторат и колонија, па го слуша ултимативниот став на колонизаторот? Моќта на секоја демократска власт произлегува од народот, затоа таа треба да ги хармонизира и да ги балансира своите политики со определбите на народот, а не со партиите, оти народот не може да се сведе на владејачките партии – вели Ќулафкова. Д.Ст.