Светската здравствена организација минатиот месец препорача научниците да продолжат да ги истражуваат сите можни извори на пандемијата на ковид-19, вклучително и лабораториските протекувања.
Две новообјавени студии во списанието „Саенс“ имаат сосема спротивни пристапи, но доаѓаат до истиот заклучок – епицентарот на коронавирусот, најверојатно, бил пазарот на морска храна „Хуанан“ во Вухан, Кина.
Во истражувањето со наслов „Пазарот на големо на морска храна ‘Хуанан’ во Вухан беше раниот епицентар на пандемијата на ковид-19“, експерти од целиот свет анализираа картографски податоци и извештаи од социјалните медиуми за да направат просторна и еколошка анализа. Тие истакнаа дека иако точните околности остануваат нејасни, вирусот бил пронајден кај живи животни продадени на пазарот кон крајот на 2019 година.
Животните биле чувани едно до друго и болеста лесно можела да се прошири, според студијата, која сепак, не утврди за кои животни станува збор.
Научниците открија дека најраните случаи на Ковид-19 биле концентрирани на пазарот меѓу продавачите или купувачите. Тие веруваат дека два одделни вируса циркулирале кај животните и подоцна преминале кај луѓето.
– Сите осум случаи на ковид-19 регистрирани пред 20 декември дојдоа од западната страна на пазарот, каде што се продаваа и некои видови цицачи – се наведува во студијата.
Експертите ги мапираа најраните случаи што немаа врска со пазарот и утврдија дека заразениот живеел или работел во негова непосредна близина, пишува „Си-ен-ен“.
– Ова покажува дека вирусот почнал да се шири меѓу луѓето што работеле на пазарот и подоцна се прелеал во околната локална заедница. Продавачите оделе во блиските продавници и ја пренеле инфекцијата на други луѓе – рече еволутивниот биолог Мајкл Вороби од Универзитетот во Аризона.
Во друга студија, „Молекуларната епидемиологија на повеќекратно зоонотично потекло на САРС-КоВ-2“, беше користен молекуларен пристап, а резултатите покажаа кога првите инфекции со коронавирус преминаа од животните на луѓето. Најраната верзија на коронавирусот беше во две лози, А и Б. Лозата настана по најмалку два преноса од животински видови на луѓе.
Научниците веруваат дека првиот пренос од животно на човек, веројатно, се случил околу 18 ноември 2019 година и дека ја вклучува лозата Б, која била пронајдена само кај луѓето директно поврзана со пазарот „Хуанан“.
Тие веруваат дека лозата А се појавила неколку дена или недели по инфекцијата со лозата Б. Лозата А била пронајдена во примероци од луѓе што живееле или престојувале во близина на пазарот.
– Овие податоци покажуваат дека е малку веројатно дека САРС-КоВ-2 широко циркулирал кај луѓето пред ноември 2019 година и дефинираат одреден опсег кога ковид-19 првпат преминал кај луѓето и кога биле пријавени првите случаи на инфекција – се наведува во студијата.
Веројатноста дека таков вирус ќе се појави од два настана е многу мала, призна еволутивниот биолог Џоел Вертхајм од Универзитетот во Калифорнија, „Сан Диего“.
Еволутивниот биолог Кристијан Андерсенс од Истражувачкиот институт „Скрипс“ вчера изјави дека овие студии, дефинитивно, не ја побиваат теоријата за истекување во лабораторија, но дека се толку убедливи што тој самиот го променил мислењето за потеклото на вирусот.
– Јас самиот бев прилично убеден дека е излезен од лабораторија додека не направивме дополнителна анализа. Врз основа на податоците и студиите за многу други вируси на кои работев во последната деценија дојдов до заклучок дека резултатите покажаа оти изворот е пазарот – рече Андерсенс.
Со цел да се намали ризикот од идни пандемии, научниците се надеваат дека набргу ќе може да утврдат кое животно првин се заразило од коронавирусот. Андерсен смета дека, иако е тешко да се спречи појавата на нови пандемии, глобалната соработка на научниците е од суштинско значење за да може навреме да се утврди дали се работи за поблаг облик на инфекција или болест што може да убие милиони.