Ако се направи споредба со цените на килограм свински бут тогаш просечната акциска цена во Македонија се движи околу 380-400 денари, иако редовните цени се повисоки за околу 15 проценти
Свинското месо за помалку од една година поскапе повеќе од 20 отсто, но цените најмногу се зголемија последниот месец и половина. Така килограм свински бут се продава и за повеќе од 400 денари во некои маркети, а за истата категорија месо пред неколку месеци граѓаните требаше да одвојат околу 300 денари.
Растот на цените на свинското месо не се случува само во Македонија, туку во речиси целиот регион. Ако се направи споредба со цените за килограм свински бут тогаш просечната акциска цена во Македонија се движи околу 380-400 денари, иако редовните цени се повисоки и за околу 15 проценти.
-Намалуваме не месо во исхраната. Ако претходно ставав половина килограм во манџа за четворица, сега ставам помалку, па и се шегуваме дека е важно што пуштило мрсно. Ќе се прилагодуваме на условите, цените повисоки, две плати исти дома, ќе се снаоѓаме – вели Снежана Тодоровска.
Во Србија исто акциска цена на оваа категорија свиснско месо е околу 315 денари, Хрватска 390, Бугарија 410, а највисока е во Албанија каде надминува 500 денари по килограм. Цените се разликуваат во различни продажни места, но генерално во месарниците се пониски од големите маркети.
Според производителите на месо, и познавачите на месната индустрија во земјата има неколку причини за повисоките цени на свинското месо.
На домашниот пазар има доволно свинско месо
Тоше Атанасовски од Здружението на одгледувачи на свинско месо „Гицко“ вели дека големите маркети имаат повисоки цени на свинското месо, а во малите локални месарници цените се пониски. Токму тоа, вели тој, е причината во разликата на цените од 50 до 100 денари на килограм свинско месо во одредени месарници.
– Главна причина за тоа е што во малите месарници газдите се и самите месари и сопственици. На големите маркети, пак, продажбата на месо не им е главен профит. Затоа, преку неделата цените на месото ги покачуваат, а за викендите прават акции на поевтино месо, со цел да привлечат повеќе купувачи – објаснува тој.
Според Атанасовски, во земјата се одгледуваат доволно свињи за да го задоволат домашниот пазар.
– Цената на свинското месо е покачена првично затоа што се високи и цените на суровините, односно поскапена е храната за одгледување на свињите. Истовремено е поскапена струјата, а и нафтата. Касапите земаат над 40 ијади денари плата. Тоа е големо оптеретување за една одгледувачница на свињи – објаснува тој.
Но, сепак посочува дека во нашата земја за една година цената на килограм свинско месо е поскапена за 25 отсто, што е најмал пораст на цената за разлика од соседните земји.
– Пред една година цената на еден килограм свинско месо беше околу 320 денари, сега е околу 400 денари. Подраматично е поскапувањето кај пилешкото месо, кое сега е 360 денари кило во месарница. А, пилето се одгледува пократок временски период за разлика од едно свињче, односно трошок за одгледување е помал – објаснува Атанасовски.
Според него, цената не може да се зголеми, зашто Македонија е мал пазар и нема кој тоа да го плати.
– Со домашно свинско месо го задоволуваме домашниот пазар, иако на светско ниво има намалување на сточниот фонд – додава тој.
Атанасовски вели дека во Србија една свиња (товеник) се продава за 135 денари килограм.
– Кај нас е околу 130 денари. Србија е и голем производител на житарици на Балканот, нивните ниви и стопанство е повисоко од нашето, па затоа и свињата треба да е поевтино кај нив, но засега цената е речиси иста со нашата – заклучува тој.
Високите давачки кон државата даваат повисока цена на месото
Васко Ристовски, координатор на Дирекција на здруженија и регионални комори во Стопанската комора на Македонија ја објаснува состојба со високата цена на свинското месо во земјава, но и во соседните земји.
Според него, драстично високата цена, пред сѐ, на свинското свежо месо се должи на повлекувањето на Владината мерка за ослободување од царина на замрзнатото свинско месо наменето за преработка.
– Досега месните преработки беа основа и коректор на цените и на свежото свинско месо. Непродолжувањето на мерката, која заврши пред повеќе од еден месец, доведе до овие зголемени цени. Состојбата е уште поконтроверзна ако се земе предвид дека домашните фармери добиваат директни субвенции од државата за производство на свежото свинско месо, а домашните преработувачи плаќаат високи царини и го полнат директно буџетот на државата при увоз на суровината замрзнато свинско месо (царината за оваа суровина кај нас е највисока во споредба со сите земји од соседството), која кај нас не се произведува и ја нема во доволни количини за домашните месни индустрии и за преработувачите – објаснува Ристовски.
На прашањето зошто во некои земји од соседството свинското месо е многу поевтино од Македонија, како во Србија, на пример, Ристовски вели дека главна причина се мерките кои се во сила во државите.
– Во Србија при увоз тамошните преработувачи плаќаат 8 отсто царина на замрзнатото свинско месо (истата суровина што ја користат и македонските месни индустрии).
Кај нас царината за увоз на истата суровина од ист производител е над 25 отсто, што е уште на почеток разлика од преку 15 отсто и резултира со создавање нееднакви услови на стопанисување, кои потоа директно се пренесуваат на домашните потрошувачи. Треба да се спомене дека Србија е многу поголем производител на свежо свинско месо од нас, а нивните фармери имаат многу подобри услови на стопанисување. Во Црна Гора, пак, царината е 0 отсто, како и во другите земји во опкружувањето, додека, пак, готовиот производ од соседството (ЦЕФТА и ЕУ) влегува без никакви давачки. Маржите не се зголемени, туку, напротив, се намалени, и тоа за сметка на многуте зголемени трошоци и тешкотии во работењето на компаниите. Струјата, енергенсите, намалената куповна моќ на граѓаните и намалената потрошувачка не даваат простор за нивно покачување – објаснува Ристовски.
Според него, ако за многу краток период Владата не реагира со донесување мерки кои ќе овозможат изедначени услови на стопанисување за компаниите, како што е мерката за ослободување на царината на замрзнатото свинско месо за преработка, тогаш цените дефинитивно ќе растат, како на свежото свинско месо така и на преработките.