Фото: Принтскрин

Унилатералната изјава за јазикот е политичка изјава на МНР. Значи, таа не е историска изјава во која што историчарите треба да кажат историска вистина, туку политичка изјава во која што трите најважни елементи – континуитетот, односно временскиот и просторниот континиум, неможноста да се разговара или потпишува договори со ЕУ на поинаков начин и дека е официјален на цела територија и во надворешните односи, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со шефот на португалската дипломатија Жоао Гомес Кравињо, Османи рече дека во однос на унилатералната изјава успеале да ги имаат сите три елементи и покрај тоа што предлогот од германското до француското претседателство бил само да се наведе дека е официјален јазик кодифициран 1945.

– Од нашиот Устав по однос на тоа дека е официјален на цела територија и во надворешните работи, од Резолуцијата на Собранието по однос на континуитетот и од заклучоците на Собранието дека нема да прифатиме никогаш да потпишеме каков било договор со ЕУ којшто не содржи чист македонски јазик, односно да станеме членка на ЕУ ако македонскиот јазик не стане официјален. Значи, тие три работи, најважните елементи ние ги обезбедивме да бидат дел од унилатерална изјава иако е над тоа што беше првично предложено – изјави Османи.

Тој, посочи дека ова не е изјава која што дава историски контекст на јазикот, туку дека е политичка изјава.

– За нас беше важно овие три елементи да бидат инкорпорирани – Уставот, Резолуцијата 2021 предложена од опозицијата и заклучоците од последната одлука на Собранието. А се разбира, книги може да пишуваат историчарите по однос на тоа, но не е таква изјава оваа унилатерална изјава. Но, многу е важно да кажам дека унилатералната изјава на Република Бугарија не е преседан, туку е веќе пуштена во ОН уште во 2018 година. Истата таа изјава сега се повторува во земјите членки на ЕУ. Како што немаше никакви импликации во ОН македонскиот јазик со унилатерална изјава, еве дури не сте ни знаеле дека имало унилатерална изјава пред 4 или 5 години, таква е тежината на оваа унилатерална изјава – нагласи Османи.

Прашан кои се автори на декларацијата, Османи рече дека биле консултирани луѓе коишто се занимаваат со оваа проблематика.

Различните историски интерпретации не смееме да ги ставиме под говор на омраза. Под говор на омраза јасно кажува нашето законодавство што е омаловажување поради карактеристики на човек или припадност во група. И мислам дека ако го прошириме тоа во историските интерпретации тогаш мислам дека отвораме токму поле за такви ризици за кои зборуваме дека говорот на омраза ќе се интерпретира во делот на работата на Историската комисија, изјави Османи.

– Говорот на омраза не е поврзан со работата на Историската комисија, туку како владите да отворат можност за подобри односи помеѓу граѓаните, помеѓу бизнисите помеѓу двете држави. Очигледно дека сме влезени во еден негативен тренд на односи во коишто бираме кој повеќе тешки зборови за другиот, навредувајќи ги граѓаните па и државите од едната и од другата страна. Мора да ставиме стоп на таквиот тренд доколку сакаме да бидеме пријатели и да бидеме сојузници во ЕУ. Немаме никаков интерес да бидеме во негативен тренд на односи и говор со Република Бугарија – оцени Османи.

Според него, овој протокол, овој договор е потпишан под добра волја и затоа од таков аспект треба да се гледаат и одредбите во делот на следење на говорот на омраза.