Амбасадата на САД во Албанија предупредува
Пред најавениот светски самит на Слободен Иран, што ќе се одржи денеска и утре во Албанија, амбасадата на САД објави соопштение во кое наведува дека постојат сознанија за потенцијална закана насочена кон настанот и учесниците.
– Владата на САД има сознанија за потенцијална закана насочена кон светскиот самит на Слободен Иран што ќе се одржи во близината на Драч, Албанија, на 23-24 јули 2022 година – стои во објавата на амбасадата. Наедно, амбасадата ги повика своите граѓани да го избегнуваат овој настан, да ги следат локалните медиуми и да бидат свесни за случувањата во нивната околина.
Самитот ќе се одржи во кампот на припадници на МЕК, во Манза, кај Драч, на околу 30 километри од Тирана, каде што се сместени најмалку три илјади лица. Тие се сметаат за „терористичка група од страна на Исламската Република Иран и со децении се во отворен конфликт со тамошниот режим“.
Како што веќе објавивме, деновиве албанското специјално јавно обвинителство, СПАК, потврди дека под истрага се 20 лица што моментно живеат во оваа земја, бидејќи се осомничени дека „се дел од терористичка ќелија“.
– Станува збор за поранешни членови на иранската муџахединска организација, кои се отцепиле од оваа организација и кои сега се осомничени дека вршеле забранета активност на територијата на Албанија во име на терористичката организација на Револуционерната гарда на Иран и тамошните тајни служби – наведоа надлежните служби во јавноста во Албанија.