Хрватска со нов финансиско-шпионски скандал

Претседателот на собраниската комисија за внатрешна политика и национална безбедност, Синиша Хајдаш Дончиќ, побара од Канцеларијата на Советот за национална безбедност и од директорот на Воената безбедносна и разузнавачка агенција (ВСОА), генерал Ивица Киндер, изјава за информацијата дека голем број вработени во Воената безбедносно-разузнавачка агенција фалсификувале трошоци и несоодветно трошеле пари што ги добивале за посети на мисии во Полска, Литванија и Либан и во таа пригода проневериле околу два милиони куни (околу 270.000 евра).
Хајдаш Дончиќ побара да разјаснат дали ова навистина се случило и дали за сѐ било известено Државното правобранителство. Претседателот на комисијата смета дека за многу кратко време би можел да ги добие нивните изјави. Проневерата на пари ја утврдиле членовите на Канцеларијата на Советот за национална безбедност при две контроли во работата на ВСОА. Пред неколку недели тие пристигнале на рутински увид во работата на ВСОА, а во таа пригода еден од вработените им укажал на несоодветно трошење пари. Сите информации за овој голем скандал се обвиткани во тајност, а според неофицијални информации, еден од помошниците на Киндер бил свесен за проневера на средства и го толерирал и тоа и лажното прикажување на патните трошоци. Членовите на ВСОА би оделе во посета на некоја мисија и за трошоци, на пример, би земале 30.000 куни и би потрошиле 10.000 куни. Разликата не би ја вратиле, ниту трошоците би ги оправдале со сметки.
Супервизорите набрзо пристигнале на дополнителен надзор откако ги собрале првите информации. Според неофицијални информации, тие за сѐ ги информирале претседателот Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ. Засега не се знае дали пријавата ја испратиле до Државното правобранителство и дали таму отвориле истрага за овој случај.
Оваа голема афера се случува во време кога ВСОА сè уште не закрепнала од сличен скандал во кој нејзиниот поранешен директор, генерал Дарко Грдиќ, и неговиот заменик, генерал Огњен Преост, беа осудени во декември минатата година за исплата на пари наменети за специјални операции, кои наместо тоа си ги префрлале еден на друг и ги користеле за лични потреби. Со тоа државата е оштетена за околу пет милиони куни (околу 665 илјади евра).