Дијалектната карта на македонскиот јазик, како што вели професорот Јовица Темов, е изработена во Одделението за дијалектологија при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Обоените растери надвор од државните граници се области каде што се говорат македонски дијалекти

Дијалектологијата на македонскиот јазик е постара дисциплина и датира уште од првите научни трудови што се занимавале со македонскиот јазик или од втората половина на 19 век. Како позначајни македонски дијалектолози се забележуваат Ватрослав Јагиќ, Ватрослав Облак, Виктор Григорович, Мјечислав Малецки, Зузана Тополињска, Божидар Видоески и други

Лингвистот и професор Јовица Темов од велешката гимназија, на интернет објави дијалектна карта на македонскиот јазик, со која ја демантира унилатералната декларација за јазикот на министерот Бујар Османи, во која се тврди дека дијалектите на македонскиот јазик ги има само на територијата на денешна Македонија. Според него, дијалектологијата е наука, како што е наука и медицината, како што се и политичките науки.
– Дијалектна и политичка карта не е исто. Во ниту една држава, државните и дијалектните граници не се исти, затоа што дијалектите постоеле многу пред тие земји да станат држави – порача Темов.
Дијалектната карта на македонскиот јазик, како што додава професорот, е изработена во Одделението за дијалектологија при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Обоените растери надвор од државните граници се области каде што се говорат македонски дијалекти.
Дел од македонската научна јавност се спротивстави на изјавата на министерот и смета дека за авторите што творат на македонски јазик, негирањето на дијалектите е поразително за јазикот, но и за целото творештво, култура и идентитет. Литературниот македонски јазик се базира врз централните говори на западномакедонското наречје, но македонскиот јазик со своето богатство од дијалекти се протегал и се протега многу пошироко од територијата на денешна Македонија.

Распространетост на македонскиот јазик со своите дијалекти

Македонскиот јазик – јужнословенски јазик, е дел од групата на словенските јазици од јазичното семејство на индоевропските јазици. Македонскиот е службен и национален јазик во Македонија, а наедно е и официјално признаен како регионален службен јазик секаде каде што живеаат Македонците во Албанија, вели Никола Ѓурѓај од друштвото „Илинден“-Тирана.

Но, признат е и во Србија како официјален во општините Јабука и Пландиште, Романија и во Косово. Македонски се зборува и во Австралија, Бугарија, Грција, Канада, САД, Црна Гора, Турција, во некои земји-членки на Европската Унија и преостанатата македонска дијаспора. Вкупниот број на македонски говорници е тешко да се утврди поради несоодветни пописи, но бројката се движи од околу 2,5 до три милиони луѓе.
Според ценетиот извор „Етнолоџи“, македонски се зборува и во југозападниот дел на Бугарија и во северна Грција, но нема податоци за бројот на бројот на говорители, стои на Википедија.

Македонскиот јазик има околу 27 дијалекти

Македонската дијалектологија е посебна развиена гранка на македонистиката, која се занимава со проучување, истражување, документирање и зачувување на македонските дијалекти. Како стабилна научна дисциплина во македонистиката, дијалектологијата се развила по кодификацијата на македонскиот јазик, но нејзиното присуство се забележува и пред 1940-тите години. Дијалектологијата на македонскиот јазик е постара дисциплина и датира уште од првите научни трудови што се занимавале со македонскиот јазик или од втората половина на 19 век. Како позначајни македонски дијалектолози се забележуваат Ватрослав Јагиќ, Ватрослав Облак, Виктор Григорович, Мјечислав Малецки, Зузана Тополињска, Божидар Видоески и други.
– Дијалектите на македонскиот јазик се варијации на стандардниот литературен јазик. Македонскиот јазик има околу 27 дијалекти поделени во три главни групи. Главната граница помеѓу двата блока, источните и западните дијалекти, е планината Скопска Црна Гора, продолжува со реката Вардар, па сè до Егејско Море (Бело Море). Главна особина за западните дијалекти е побавниот тоналитет на дијалектите, користење на тројниот член и акцентот паѓа на третиот слог од крајот на зборот. Заедничка особина за источните дијалекти е побрзиот тоналитет на зборување, кратење на зборовите и променлива позиција на акцентот. Дијалектите се зборуваат на целата територија на Република Македонија, Пиринска Македонија, Егејска Македонија (Беломорска Македонија), Мала Преспа и Голо Брдо и југозападно Косово. Македонскиот јазик, со сите негови дијалекти, има над три милиони говорители – стои во текстот објавен на Википедија.
Според енциклопедијата на професорот и македонист Виктор Фридман, македонскиот јазик има од два до 3,5 милиони говорители. Според пописот од 2002 година, вкупното население на Македонија изнесувало 2.022.547, од кои 1.344.815 граѓани го декларирале македонскиот за свој мајчин јазик. Македонскиот јазик, исто така, се изучува и зборува како втор јазик од сите етнички малцинства во земјата. Надвор од Македонија, има мали етнички македонски малцинства што зборуваат македонски јазик во соседните земји, вклучувајќи 4.697 во Албанија (попис 1989), 1.609 во Бугарија (попис 2011 година) и 12.706 во Србија (попис 2011 година). Точниот број на говорници на македонскиот јазик во Грција е тешко да се утврди поради политиката на земјата. В.Д.