„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Среќата на волкот“ од современиот италијански писател Паоло Коњети, во превод од италијански јазик на Анета Симовска.
Авторот на романот „Осум планини“ (преведен на 40 јазици и продаден во еден милион примероци) во овој роман создава љубовна приказна чии деликатни дејства се дополнуваат со живописните пејзажи на италијанските Алпи. Групата главни ликови, кои постојано се бараат себеси, се како глутница волци што бараат блаженство додека се наоѓаат на пресвртница во своите животи откако го напуштиле градот (Милано) и заминале во едно високо алпско село сместено во дивите и фасцинантни предели. Во „Среќата на волкот“, Коњети ги истражува човечките односи, нивните пукнатини, празнини и недостатоци преку постојан дијалог меѓу човекот и природата. Оваа проза е како медитација за планината и за љубовта.
Романот на италијански јазик е објавен во октомври 2021 година, но истовремено со подготовка за печатење на италијанското издание, правата за преведување веќе беа продадени во 16 земји, односно две недели од публикувањето – во 20 земји. Само неколку дена по италијанското издание, романот веќе беше објавен во Франција, Германија, Холандија, Шпанија, вклучувајќи го и каталонското издание. Во некои земји е публикуван со насловот „Љубовници“. До ова македонско издание, правата за превод и публикување на романот беа продадени во 27 земји. Овие податоци најдобро говорат за големиот интерес што го предизвикува овој автор по неговиот роман „Осум планини“, за кој ја доби европската награда „Стрега“ и доживеа светски успех.
По „Осум планини“ и „Никогаш на врвот“, „Среќата на волкот“ е трета книга на Паоло Коњети публикувана на македонски јазик – трите во издание на „Македоника литера“ и во превод на Анета Симовска. Паоло Коњети е познат и како голем приврзаник за планините, а таа опсесија доминира во неговото книжевно творештво и е причината што заминал да живее на италијанските Алпи.