Тропската бура „Лала“ прерасна во ураган од прва категорија додека се приближува кон Големиот Остров на Хаваи, соопштија американските метеоролошки служби.
Максималната постојана брзина на ветерот достигна 120 километри на час, соопшти американскиот Национален центар за урагани. Претходно, мерна станица во близина на Саут Поинт регистрирала постојан ветер со брзина од 66 километри на час и налети до 102 километри на час.
Ураганот носи силни налети на ветер и обилни врнежи додека се движи кон Хавајските Острови. Националната метеоролошка служба предупреди на опасно високи бранови и висок ризик од локални поплави. Метеоролозите дополнително напоменуваат дека бурата, дури и без директно навлегување на копното, може да предизвика обилни поплави, додека силните ветрови би можеле брзо да го поттикнат ширењето на шумски пожари.
Поради влошувањето на временските услови, властите почнаа да го ограничуваат воздушниот и поморскиот сообраќај. Министерството за транспорт на Хаваи соопшти дека Меѓународниот аеродром во Хило е затворен, додека Меѓународниот аеродром „Елисон Онизука Кона“ во Кеахоле ќе престане со работа во 14 часот по локално време. Затворени се и сите трговски пристаништа на островот Хаваи, како и во окрузите Мауи и Кауаи.
Доколку „Лала“ премине директно преку копното, тоа би бил првиот ураган што ги погодил Хавајските Острови по повеќе од век и половина. Според достапните метеоролошки податоци, последен пат над Големиот Остров во 1871 година поминал ураган од трета категорија според петстепената скала на Сафер-Симпсон.
































